Политичките партии до недела ги одложија јавните активности поврзани со локалните избори 2021 закажани за 17 октомври, поради деновите на жалост по пожарот на модуларната Ковид болница во Тетово во која загинаа 14 лица. Сепак, партиите и независните кандидати кои сакаат да учествуваат на изборите мораат да ги запазат роковите предвидени од Државната изборна комисија. Синоќа на полноќ заврши јавниот увид во Избирачкиот список, а утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за изборите до Општинските изборни комисии.
До средата, 8 септември, како што соопшти ДИК, 13.916 лица се провериле во Избирачкиот список. Поднесени се вкупно 140 барања за запишување во Избирачкиот список, 31 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 43 барања за измена на податоците во Избирачкиот список. Исто така, до ДИК, на е-маил адресата [email protected] се поднесени вкупно 88 барања.
На 14 септември истекува рокот до кога ДИК треба Избирачкиот список да го достави до политичките партии, кои пак до 19 септември треба да достават евентуални барања за негова корекција до Комисијата. До 24 септември, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список, а најдоцна до 1 октомври да го потпише.
Утре на полноќ завршува рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори до Општинските изборни комисии. Најголем дел од партиите најавуваат дека кандидатурите до ОИК ќе ги поднесат денеска до крајот на денот или утре.
Во меѓувреме тече рокот за поднесување барања до ДИК за набљудување на локалните избори.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го изготви Првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за локалните избори закажани за 17 октомври за периодот од 7 до 31 август 2021 година. Резултатите од мониторингот на АВМУ покажале дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.
Официјално кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври започнува на 27 септември и ќе заврши на 15 октомври.
OhridNews