Судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ на 5-ти септември 2009 година, е одложен.

Причина за одложувањето е неприсуството на вториот обвинет, Бранко Баиќ,со постојано место на живеење во Белград, иако како што истакна судијката Милка Танеска, поканата до него била уредно испратена по дипломатски пат.

На првиот претрес беше присутен еден од неговите застапници, адвокатот Славко Котески, кој истакна дека поканата на неговиот клиент не му била уредно врачена. Негова претпоставка е дека доколку тој биде уредно поканет дека ќе дојде, бидејќи присуствувал во истражната постапка.

На судското рочиште присуствуваше првообвинетиот, капетанот на бродот, Сотир Филевски, кој според неговите бранители Саво Коцарев и Димитрија Цобоски, не е виновен. Напротив, вината е кај некој друг, поточно, како што рече Коцарев, за нас е важно што осигурителната компанија „Лојд“ не ја извршила својата задача и издала дозвола бродот да плови, што значи дека за капетанот бродот бил исправен. Според бранителите на Филевски, можеби има одговорност и во Капетанијата, што треба да се докаже во текот на постапката, и не се исклучува можноста да има проширување на обвинителниот акт.

На закажаното судење присуствуваа и овластени правни застапници на оштетените преживеани и на семејствата на настраданите бугарски туристи. Тие најавија дека ќе поднесат оштетно побарување, кое ќе го соопштат дополнително.

Судијата Милка Танеска судењето за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија,  го презакажа за 18-ти јануари 2011 година.

Г. Момироски