Причините за доцнењето на вештачењето, како што се дознава, биле од техничка природа зашто претходно се усогласувале слободните термини на меѓународната комисија составена од пет експерти од Македонија, тројца од Хрватска и еден од Словенија. Македонскиот експертски тим од Машинскиот факултет пред повеќе од еден месец го прегледа извлечениот брод „Илинден“, кој се наоѓа во Студенчишкиот канал. Тогаш беа направени повеќе мерења, испитан беше машинскиот и управувачкиот дел, а делови од опремата беа земени за да се проверуваат во нивните лаборатории во Скопје.
Со ова испитување на техничката издржливост на бродот и со претходната проверка на неговата исправност треба да се потврдат или да се демантираат шпекулациите во врска со причините за потонувањето на бродот. По потонувањето во македонската и во бугарската јавност се шпекулираше дека можни причини се кинењето на сајлата меѓу кормилото и крмата, претовареноста на бродот и намалената статика поради доградбата на втората палуба.
По комплетирањето на предметот со вештачењето за техничката исправност на бродот и посочувањето на можните причини за потонувањето истражниот судија Весна Кичеец вели дека тој веднаш ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство во Охрид. Како што претходно е договорено, за резултатите од вештачењето навреме ќе бидат информирани и правосудните органи во Бугарија, кои најавија дека сакаат да ја следат постапката од почетокот се’ до судската завршница.
Во меѓувреме, Кривичниот совет во Охрид го продолжи притворот за уште 30 дена на капетанот на бродот „Илинден“, Сотир Филевски. По жалбата на неговата одбрана Апелациониот суд од Битола ја укина оваа одлука и од пред еден месец Филевски е во домашен притвор и го чека судењето за несреќата.