Поради ширењето на опасниот коронавирус (ковид -19), Визер – Скопски маратон, наместо во мај, ќе се одржи на 4 октомври.

Иако вие тркачите, исто како и ние, се подготвувате за вашата омилена трка, сепак некои работи не можеме да ги контролираме во одредени ситуации, но веруваме дека на крајот сите ќе излеземе победници и дека заеднички  ќе ја пребродиме оваа ситуација. Поради влошувањето на ситуацијата со коронавирусот, како кај нас така и во светот, и заради почитување на мерките што ги презема нашата Влада заедно со институциите и препораките од Светската здравствена организација, Сојузот на спортовите на Скопје како организатор на ‘Визер – Скопскиот маратон’, кој беше планиран за 10 мај 2020, донесе одлука трката да се одложи за 4 октомври 2020 година. – соопштија организаторите.

Сите пријави остануваат важечки и се префрлаат за новиот датум, а доколку некој од пријавените е спречен од кои било причини да учествува на новиот датум, ќе им бидат понудени следниве опции:

Промена на постојната регистрацијата на друго име за 4 октомври 2020 година;

Откажување на регистрацијата за 2020 и добивање бесплатна регистрација за 2021
година;

Откажување на регистрацијата за 2020 и учество на виртуелна онлајн-трка 2020.

Сите овие опции ќе бидат можни да се реализираат со рок до 31 јули 2020 преку орталот за регистрација www.smartrace.club, деталите ќе бидат објаснети директно до секој учесник со испраќање имејл-порака со конкретни упатства како да ја изберат посакуваната опција доколку не се во можност да учествуваат на 4 октомври 2020. Пријавувањето останува отворено до 15 септември 2020 година. Повеќе информации на www.skopskimaraton.com.mk.

OhridNews