Две победи , две ремија и само еден пораз со осовени 8 бода екипата на кически  Напредок, се најде во врвот на табелата по првите одиграни рунди во 19. Македонски шампионат. Избраниците на охриѓанецот  Драган Бочески и покрај тешкиот  распоред успеаа да се престават во добро светло израдувајќи ја кичевската публика која е една од најбројните на стадионите ширум Македонија .


  – Пред стартот на  првенството никој не се надеваше на ваков развој, и некој да ме прашаше на почетокот да ми понудеше  од овие пет натпреври да имаме осум бода без размислување ќе ги прифатев. Меѓутоа за подготвителниот период добро се припримвме имаме млада перспективна екипа која успеавме да ја споиме со по старите фудбалери. Од играта сум задоволен многу , единствно претрпевме пораз и тоа минимален од Металург, натпреварот за кој жалам што не победивме е онај во Кратово против со Силекс кој требеше да го добиеме со 2-3 гола разлика, но наспроти тоа ние ремизиравме 1-1. – вели  Бочески.


“Сино –  белите“ не ги краси ефективна  игра, во првите пет рунди постигнаа само три гола,а на два пати славеа минимално над Брегалница и првакот Ренова. Охриѓанецот на клупата на Напредок не се слага со епитетот “дефанзивна “ екипа. – Не би рекол дека играме дефанзивно, практикуваме 4-3-3 поставеност со три шпица, играме плитка формација, во овие пет натпревари успеавме да направиме преку 20 шанси но младоста си го направи своето – истакна Бочески.


Добриот старт  ги подгреа желбите и амбициите  да се остане во врвот и срамежливо да се гледа кон Европа. Сепак Бочески, цврсто стои на земја. – По ваквиот развој на настаните  нормално е амбициите да пораснат но ни сме сепак далеку од шампионска титула и пласман во Европа. Во нашето првенство се` зависи од парите ако управата успее да не испрати до крајот со ваков ритам мислам дека ќе можеме да бидеме во средината на табелата  – смета тој.


Напредок  на стартот на шампионатот имаше  можност да ги одмери силите со потенцијалните кандидати за шампионската титула, охриѓанецот по досега виденото смета  дека најблиску до триумф е Металург, па потоа следуваат Работнички и Ренова.

Мх.П.