Пронаоѓање на самиот себе си преку внатрешната номадизација, чувството на истоштеност во матичниот културен простор, миграција од нултистепен, културната миграција како носител на новости и можности. Овие точки беа патоказите преку кои се движеше разговорот на дебатата на вториот ден на Фестивалот за процесирање култура, „ДримON“, насловен „Све(с)т во транзит“, кој се одржа вчера, 29 јули во Струга.

Професорката Елизабета Шелева ја модерираше исклучително актуелната и интересна дебата и тргна од тезата дека миграциите се, односно ќе бидат револуција на 21 век. Како панелисти беа Искра Гешоска, теоретичарка и уметникот Игор Тошевски. Прашан за највпечатливите мириси од спомените што ги носи од патувањата, Тошевски одговори: 

– Роден сум во шатор после земјотресот. Имам патувано на три континенти. Од самиот старт, тоа влијаело во мојот развој како уметник. Голем дел од животот го гледам како транзиција. Најблиску до номадизмот во мојот живот е, 15 годишното искуство во филмска индустрија. Таа е врзана со економскиот фактор кој влијае врз тој номадизам. Не само што патуваш, туку и се вклопуваш во таа култура, а тоа се изразува во творењето и во моите изложби – рече Тошевски и додаде дека негов заклучок е оти номадизмот станува состојба на привилегираност, некој вид елита.

Гешоска, пак, објасни дека нема искуства како тие на Игор, па затоа номадизмот го гледам преку позиција на Одисеј. – Тој е оној којшто лаже дека се изгубил, а всушност ја креира својата номадска лабораторија на слбодата преку талкањето на сите мориња. За мене наративот на номадизмот е многу покомплексен и многу поврзан со внатрешната картографија. Во таа внатрешност демнее непознатото коешто нуди хоризонти на возбуда за миграција.  

ТАа додаде и дека номадскиот идентитет доаѓа од тоа дека културата ни наложува каде да бидеме, а не бара да бидеме во себе, со себе, со другиот.

Тошевски додаде дека тој не гледа на номадизмот како на нешто наметнато.

– За мене, тоа е состојба на денешницата, тоа е нашата реалност. Уметноста сама се трудеше да дојде до оваа состојба. Според мене, миграциите нудат можности, уметникот е денес слободен да биде номад, живеејќи дома – кажа тој.

Писателот Димитрије Дурацовски, голем поддржувач на „ДримON“ се надоврза на панелистите: – За мене поважна е темата на неприпаѓањето, отколку на припаѓањето и можностите. Па затоа и само ќе кажам дека оној што сака да е секаде, не е никаде. 

Дебатата привлече значителен број публика од различни генерации. По разговорите за миграциите, публиката се забавуваше со „Елвис Присли проџект“, кога настана вистинска игранка. Гостите од Србија, „Обојени програм“ дополнително ја наполнија Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Според посетеноста, можеме да забележиме дека Струга ја негува алтернативната музика. Доказ за тоа беа и гласните овации и извикувања бендот да се врати на бис. Бендот ја исполни и таа желба на публиката, која, навистина долго ќе го памети првиот настап на „Обојени програм“ во Струга. Вечерта ја заокружи сетот во живо на Блерта Косова.


Претпоследниот ден во знакот на „Во Абсентиа“

Дебатата на која ќе се зборува за присутноста на културата и уметноста во медиумите ќе се одржи во 19.30 часот утре, сабота, 30 јули на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Модераторка е Ана Јовковска, а како панелисти ќе се вклучат Небојша Вилиќ, Влатко Галевски и Звонко Наумоски. Од 21 часот ќе биде прикажан филмот „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш, а потоа ќе биде отворена изложба на Ангел Миов, насловена „Прошетка низ наративните линии“.
Музичката програма вистински ќе ја збогатат гостите од Србија, познатиот состав „Канда Коџа и Небојша“. Нивниот концерт е најавен за 22 часот, по што следи диџеј сет на Роботек.

Чил аут зоната, во Паркот на поезијата, започнува во редовниот термин на пладне, и тоа работилницата за деца која ќе ја води Театарот на сенки „Сенки и облаци“. Од 14 часот ќе се обратат членовите на еколошките здруженија „Еко свест“ и „Охрид SOS“ и ќе зборуваат за нивната иницијатива „Спасете ја Галичица“, горлив проблем што нè засега сите нас – уништувањето на Националниот парк Галичица. Работилницата со графити цртачот Хром ќе се одржи и денска, во истиот термин од 17 часот, а за музичкиот избор во овој попладневен термин ќе бидат задолжени диџеите Климе Матоски и Никола Матоски. Перформансот на Сабрина Железник, насловен „Јас сум изведувач“ е од 20.30 часот. На Градскиот плоштад во Струга пак, во истиот термин ќе помине и Караванот на слободата на „Цивил“.

Четвртото издание на „ДримON“ се одржува од 27 до 31 јули во Струга и е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

OhridNews