Македонската традиционална таеквон-до федерација (М.Т.Т.Ф.) ја започна натпреварувачката година со учество на Меѓународниот натпревар “Тирана Опен 2025” во соседна Албанија. Натпреварувачи постигнаа извонредни резултати освојувајќи вкупно 17 златни, 5 сребрени и 13 бронзени медали, како и 5 пехари за најдобри поединци.

Едно од најзначајните достигнувања е и освојувањето на пехарот за второ место во екипна конкуренција. Македонската екипа составена од 19 натпреварувачи, 2 судии, 2 тренери и 3 официјални лица, учествуваше заедно со 18 клубови од 6 европски земји Шведска, Грција, Хрватска, Косово, Албанија и Македонија. Конкуренцијата беше голема, но нашите натпреварувачи, кои натпреваруваа во двете дисциплини – форми и борби, уште еднаш покажаа зошто сме горди на нив, вели Марјанчо Лазаревски, претседател на М.Т.Т.Ф.

Лазаревски упатува благодарност до организаторите на “Тирана Опен” за одличната организација и квалитетниот натпревар, кој, вели, беше повеќе од потребен по краткиот период од претходниот натпревар. Воедно се заблагодарува и на генералниот спонзор “ПН МЕТАЛ”, Министерството за спорт и Општината Охрид.

Државното првенство во Таеквон-до ИТФ ќе се одржи на 15 март во мала сала С.Р.Ц. „Билјанини извори“, организирано од клубот “МАСТЕР” од Охрид, кој е првиот отворен клуб во Македонија. Право на учество имаат сите членови на М.Т.Т.Ф. По државното првенство, продолжуваме со подготовки за наредното Европско првенство кое ќе се одржи во Талин, Естонија од 28.04 до 04.05.2025 година, додава Лазаревски.

Постигнати резултати:

  • ТК “ХВА РАНГ ИТФ” Лескоец Охрид: 6 златни, 3 сребрени, 2 бронзени и 2 пехари за поединци.
  • ТК “МАСТЕР” Охрид: 2 златни и 4 бронзени медали.
  • ТК “ЧОНЏИ” Косел Охрид: 3 златни, 1 сребрен и пехар за најдобар поединец (кадет).
  • ТК “СОНКАЛ” Мислешево Струга: 5 златни, 1 сребрен, 4 бронзени медали и пехар за најдобар поединец (јуниор).
  • ТК “АХИЛИУС” Скопје: 3 златни, 1 сребрен, 2 бронзени медали и пехар за најдобар поединец (јуниорка).

OhridNews