Едноставно тој е како виното. Што постар тоа подобар. Познатиот босански музички уметник Дино Мерлин, синоќа, на стадионот „Билјанини изворори“ во Охрид одржа одличен концерт.

На концерот кој е дел од турнејата насловена како „Хотел Национал“ Дино Мерлин се појави со куфер и препознатливата широка насмевка. Извонредниот бенд и добриот звук, само ја надополнија прекрасната атмосфера во топлата охридска јулска ноќ.

Публиката од првата до последната песна заедно со Мерлин ги пееше рефрените од познатите хитови „Све је лаж“, „Супермен“, „Мој је живот Швицарска“, „Месечина“ …. 

Настапот на Дино Мерлин беше проследен со извонредна кореографија и уметнички перформанс, беспрекорни пратечки вокали и илјадници расположени фанови.

Дино Мерлин во Охрид настапува по пауза од седум години. Не го криеше задоволството од повторната средба со македонската публика, но и од убавините на Охрид и Охридското Езеро каде тој ужива деновиве.

Иако во најавата за концерот можеше да се чуе и прочита дека ќе трае најмалку три и пол часа, настапот на Дино Мерлин беше околу два и пол часа, кои беа вистинско музичко уживање за присутните на солидно исполнетиот стадион „Билјанини извори“.

Г.М.

Фото галерија:

 


Одличен концерт на стариот добар Дино Мерлин во Охрид