Фудбалските репрезентативци Шумуликоски и Георгиевски најавуваат игра без калкулации во двата последни дуела од квалификациите за СП 2010. Македонските репрезентативци се орни за игра во пресрет на двете гостувања, во Шкотска и во Норвешка, во рамките на квалификациите за СП 2010 година.
Македонија е втора на табелата во групата и ако го задржи тој пласман по овие два последни меча, има шанса да се пласира во баражот за СП во Јужна Африка.
– Најавив во шкотските медиуми дека одиме во Глазгов да победиме, ние нема да се браниме, бидејќи на сите ни е јасно дека само победа не’ остава во игра. Посебно внимание ќе обратиме на нивниот одличен среден ред како и брзите шпиц-играчи. Нашата шанса ќе ја бараме во бавната шкотска одбрана, и очекувам нашите напаѓачи барем еднаш да го затресат шкотски гол – рече по завршувањето на тренингот Величе Шумуликоски.
Еден од последните кои се приклучи на подготовките во Охрид е и „кореецот“ Славчо Георгиевски.
– Ова е вистински натпревар на кој ќе покажеме дека сме созреани за вакви решавачки натпревари и дека имаме квалитет да бидеме дел од светскиот крем со пласман на завршницата на едно големо натпреварување. Ќе се води голема битка на средината. Не се плашиме, знаеме што не’ очекува. Ќе дадеме максимум за да ја израдуваме целата македонска јавност и конечно да обезбедиме место во баражот – вели Георгиевски.
Македонските фудбалери ги завршија подготовките во Охрид и попладнево заминуваат за Глазгов, каде вечер ќе одржат тренинг на “Хемпден Парк“.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com