Одговорот на секоја земја против трговијата со луѓе треба да биде енергичен, посебно ако жртвата е малолетно лице, истакна денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во обраќањето пред учесниците на тридневниот завршен семинар посветен на Програмата за поддршка на развојот на транснационални механизми за третман на жртвите на трговија со луѓе во Југоисточна Европа што се одржува во Охрид.


Јанкуловска информираше дека во завршна фаза е проектот на Владата за изградба на Национален прифатен центар за жртви од трговија со луѓе, проект што треба да биде центар во кој ќе се спроведува процесот на општествена реинтеграција на жртвите од трговијата со луѓе. Таа додаде дека покрај поддршката од МВР ја добива од партнерите од САД за што поголема ефикасност, постојано се инвестира во обука и опремување на припадниците на МВР кои работат во таа единица.


Заменик-амбасадорот на САД во Република Македонија, Томас Навратил, ја нагласи успешната досегашната соработката меѓу САД и Република Македонија во сузбивањето на појавите на трговијата со луѓе, како проблем што ја засега целата меѓународна заедница.


Македонија е првата држава од регионот која ги усвои стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе. Подоцна истото на национално ниво го сторија уште девет земји членки на Програмата, Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Романија, Молдавија и Косово.

Со семинарот во Охрид на кој учествуваат 120 претставници на надлежни владини и невладини институции од државите на ЈИЕ, како и на соодветните институции и меѓународни организации од западноевропските земји, се заокружува тригодишната програма во чии рамки беа изготвени меѓународни насоки за постапување со жртви на трговија со луѓе, кои содржат стандардизирани процедури за идентификација, помош, заштита, ресоцијализација и реинтеграција на жртвите, како и постапувањето со нив во текот на кривичната постапка.

Ohridnews