За да се заштеди електрична енергија владините службеници во Бангладеш добиле официјална препорака за време на летото да избегнуваат носење на кравати, одела и сакоа. Со оваа одлука се менуваат правилата на облекување кои биле на сила од 1982 година. Правилото се однесува на службеници од среден и висок ранг кои не би требало да носат одела од март до ноември кога температурите достигнуваат до 40 степени.
Таа е најновата во низата владини мерки за заштеда на електрична енергија во државата која има постојан недостаток на истата. Во земјата се произведуваат 3800 мегавати струја дневно, а потребни се 5000. Владата во јуни нареди поместување на часовниците за еден час поназад со што подолго би се користело дневното светло.