Агенцијата за млади и спорт во Музејот на Македонската борба организираше комеморацијата во чест на ликот и делото на предводникот на македонското маратонско пливање, Нико Нестор, човекот кој е прв Македонец кој го препвлива Охридското езеро и каналот Ла Манш.


Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески во своето емотивно обраќање изрази сочуство на семејството Нестор нагласувајќи дека за него е големо задоволството што лично го познавал големиот Нико.

“Нико Нестор е основоположник на македонското маратонско пливање и прв Македонец што го преплива Ла Манш. Тој беше предводник на славната генерација македонски пливачи маратонци заедно со Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи кои ги поставиле основите на македонското маратонско пливање. Ја имав таа среќа и привилегија лично да го запознаам на почетокот откако дојдов во Агенцијата за млади и спорт. Сосема спонтано, на еден настан ми пријде и со неговата космополитска скромност ми се претстави, ненаметливо и пријателски поразговаравме за сосема обични теми во спортот. Во тој момент ја почуствував енергијата на еден шампион, кој сеуште, иако имаше 80 години, сеуште не го загубил жарот и спортскиот дух, обидувајќи се на секаков начин да помогне и да врати во спортот. Знаев дека добив личен пријател и знаев дека Македонија има спортски великан, кој отсекогаш бил и засекогаш ќе остане во спортот”. – рече првиот човек на Агенцијата, Спасески.


Нико Нестор беше носител на највисокото спортско признание што го доделува Агенцијата за млади и спорт, Национално спортско признание – спортска пензија. Не пропушташе спортски настан, кога и да добиеше покана од Агенцијата за млади и спорт, секогаш доаѓаше со задоволство.

Нико Нестор, кој веќе не е со нас, остави аманет за љубов кон спортот, чесен и правилен однос спрема блиските и пријателите, смелост, упорност, истрајност и способност за тимска работа.


За напомена е фактот што неговото ценето семејство ја продолжува спортската, пливачка традиција и неговите наследници на најдобар можен начин ќе го спомнуваат името и делото на Нико Нестор. Нико тоа го заслужува.

OhridNews