Од вторник 7 декември, во пресрет на големиот празник посветен на Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид, НУ Библиотека „Григор Прличев“ и официјално ќе го отвори адаптираното крило во кое претходно функционираше дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“.

Во тој простор во иднина ќе функционира пултот за издавање за деца и возрасни, со истото работно време со корисници на услугите како и досега од 8 и 30 до 18 и 30 часот. Замислата е библиотеката во иднина да биде од отворен тип, но во време на корона и натаму ќе се почитуваат сите мерки и протоколи против Ковид -19, информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Додаваат дека тимот на библиотеката паралелно со секојдневните обврски, работеше и на преселувањето од еден во друг простор на над 150 000 библиотечни единици белетристика, стручна литература и периодика.

Инаку, годинава НУ Библиотека „Григор Прличев“ одбележува седум децении откако го носи името на патронот – големиот поет и преродбеник Прличев.

OhridNews