Истражната постапка за случајот со убиството на српскиот државјанин Дејан Новаковиќ кој смртно настрада во тепачката што на 27-ми август се случи во центарот на Охрид  намерно се одолговлекува, што може да доведе до продолжување на мерката притвор на обвинетите без да бидат изведени доказите на бранителите, тврди одбраната на притворените според која дел од нив  имаат цврсто алиби дека не биле учесници во инцидентот.

Во наредените две недели не е предвидено изведување на докази за алибито на осомничените со што ќе дојде до продолжување на притворот и на лицата за кои постојат факти дека не биле учесници во тепачката и ова е уште еден доказ како мерката притвор во Македонија се преиначува во казна. Сметаме дека 30 дена се доволен период истрагата да утврди кој од осомничените се виновни и треба да останат во притвор, а другите лица треба да се ослободат, вели Воислав Димоски, адвокат на еден од приведените. Тој за својот клиент тврди дека во критичното време не бил на местото  на настанот, како и дека имало докази дека во фаталната тепачка не учествувало најмалку уште едно од осомничените лица кои сега се во истражниот затвор во Идризово, што исто така ја отежнувало постапката.

Димоски има забелешка и на квалификацијата на кривичното дело според кое осомничените се товарат за свирепо убиство за што законот предвидува и  доживотен затвор и смета дека истото треба да се преиначи во кривично дело учество во тепачка со смртни последици, за што е предвидена мерка затвор од 3 месеци до 3 години.

-Сметам дека обвинителството многу лесно ја прифати кривичната пријава поднесена од полицијата, која во никој случај не соодветствува на делото кое е извршено, рече Димоски. Тој најави дека за начинот на кој се води постапката ќе ги извести меѓународните организации во земјата од областа на заштитата на човековите права.

За убиството на белграѓанецот Дејан Новаковиќ кој настрада во тепачката што пред неполн месец се случи во центарот на Охрид се осомничени 8 лица. Седуммина се охриѓани, а едно лице е српски државјанин кое по немилиот настан илегално ја напушти земјава и по него е распишана меѓународна потерница.

OhridNews