Адвокатите на дел од притворените лица за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ сметаат дека обвинението коe ги товари за „Убиството на суров начин“ е престрого и дека не може за такво дело да се товарат сите осомничени.

Несомнено е извршено кривично дело, според мене извршено кривично дело од повеќе лица – „учество во тепачка“ и очекував за повеќето лица таква квалификација на делото, бидејќи тоа го предвидел законодавецот за таква ситуација. Доколку во тепачка некое лице е повредено или го загубило животот учесниците се анблок сторители на тоа дело, а убиец би можел да биде некој кој со конкретно дејствие  го лишил од живот лицето. Конкретниот убиец може да одговара за кривично дело „убиство“ според квалификација и начин на кој тоа го извршил, а останатите учесници во крично-правниот  настан евентуално би можеле да бидат теретени за кривично дело „учество во тепачка“ каде исто така е предвидена една сериозна казна со која би можела правично да биде санкциониран секој од виновниците, вели Игор Кичеец, правен застапник на дел од притворените.

Според Кичеец, иако притворот бил очекуван, квалификацијата на кривичното дело повлекла притвор во Истражниот затвор во Скопје, мерка која според него ја отежнува постапката и ја прави поскапа, а не ги поправа последиците.

– Веќе оваа недела треба да се преземат нови дејствија во истражната постапка, и обвинетите треба секојдневно да се носат од Скопје, со што на сите вклучени во истрагата им се отежнува работата. Исто така за одредени обвинети сметам дека треба побрзо да се изведат одредени истражни дејствија, затоа што од сознанијата со кои располагаме не биле воопшто учесници во настанот, или не на таков начин за што се товарат, така што причините за притвор се апсолутно неосновани, истакна адвокатот Игор Кичеец.

OhridNews