Одбојкарите ни донесоа радост вечерва, го добија вториот меч со Турција и со три победи и еден пораз во квалификациите се пласираа на Европското првенство, кое ќе се одржи во Финска, Естонија, Полска и Чешка.
Македонија одлично го почна мечот, го добивме првиот сет со 25:19, но Турците вратија во вториот со 25:21. Нашите момци го добија третиот сет со 25:23, а четвртиот во кој требаше да ја завериме победата го одигравме најдобро, го добивме со 25:18 и остваривме победа со која одиме на континенталниот собир.
Брилијантна партија имаше Александар Љафтов кој забележа 23 поени, ова можеби беше и негов меч на кариерата за Македонија, капитенот Никола Ѓорѓиев имаше 24 поени.
Македонија квалификациите ги заврши на второто место со ист број на бодови како и Турција но имаме еден загубен сет повеќе. Сепак на Европско првенство одиме како една од петте најдобри второпласирани селекции од седумте групи.
OhridNews