За неговата фудбалска кариера се грижи најдобриот фудбалер во македонската историја Горан Пандев, а идол му е шпанскиот репрезентативец и член на Манчестер Јунајтед, Хуан Мата. Валентин Кочоски (18) потекнува од школата на Воска, а од Охрид за три години стигна да игра во Првата лига во дресот на Хоризонт Турново и да биде дел од најдобрата академија во Македонија која го носи името на Пандев.
Во разговор со Ohridnews, охриѓанецот со струмички акцент зборуваше за почетоците од кариерата, животот во Струмица, одделувањето од семејството во раната возраст и плановите во иднина.
– Започнав во Воска каде имавме страшна генерација во буквална смисла на зборот. Противниците во нашите генерација се плашеа од нас и уште не почнат натпреварот ние го добивавме. По одредено време се префрлив во Охрид и таму се задржав до мојата 15-та година. Потоа, во разговор со моето семејство одлучивме да се преселам во Струмица и да продолжам во фудбалската академија од Горан Пандев. – рече Кочоски на почеток од разговорот и додаде. И по три прекрасни години минати во Струмица стои грутка во мене што не успеав да заиграм за охридскиот клуб во Првата лига.
Големата љубов кон фудбалот го водеше Кочоски во тешките моменти со кои се соочи на стартот во Струмица.
– Имав цел да станам професионален фудбалер и не отстапував. Во вистинско време стигна поддршката од моето семејство и заедно ги пребродевме сите тие тешки мигови кои се тешко издржливи за едно дете. – потенцираше Кочоски.
Фудбалската академија Пандев која е една од најдобрите на Балканот функционира беспрекорно во Струмица. Поранешниот капитен на „црвено жолтите“ е неисцрплив мотив за членовите кои ги има во голем број.
– Голема чест е да се биде дел од „фамилијата“ на Пандев. Тој е вистински пример како треба еден спортист на некој начин да му се оддолжи на спортот. Ништо во неговата академија нема оставено на случајност. Сам лично се грижи околу потребите на академијата, а во неа само во Струмица работат над 10 тренери плус мединциски персонал. – истакна Кочоски.
18-годишниот фудбалер еден ден сонува да заигра на Олд Трафорд, а за сезона, две или пак побрзо се гледа надвор од нашите граници.
– Искуството собрано од играњето со Хоризонт Турново во Првата лига ми дава можност да размислувам и подалеку од Македонија. Сакам да играм фудбал и тоа нема да се промени било каде да се наоѓам. Себе си се гледам и во некој од македонските клубови, но сигурно би префирал трансфер надвор од Македонија. – истакна Кочоски.
Не требаше многу време Струмица да го „заведе“ Кочоски и да го отргне од родниот град Охрид. Моментално, Струмица е во спортска експанзија и покрај академијата функционира ракометот во името на Зомимак и женската одбојка која се повеќе се популализира во Македонија. Сепак, ние Валентин со тебе сме горди охриѓани !
Фото : Емил Јовановиќ
Михаил Постоловски