Пишува: Перо Дамчевски-Коцин
 
ПЕТ ПРАШАЊА И ПЕТ ОДГОВОРИ СО МАКЕДОНСКАТА УБАВИЦА ОД СИДНЕЈ

      
Стефани Наумоска (19) од Сиднеј финалистка на изборот за Мис Универзум на Австралија во 2009-та. Taa беше една од 32-те избрани натпреварувачки во конкуренција од над 7.000 колку што беа пријавени на конкурсот.

Од каде е вашето потекло, односно потеклото на вашите родители и каде го започнавте вашето образование?
 
Стефани:
Моите родители потекнуваат од убавата Македонија, татко ми Зоран е од Охрид а мајка ми Весна од Скопје, јас сум родена во Сиднеј. Основно образование завршив во училиштето во Анклиф а средно во гимназијата во Блејкатс…


Уште како тинејџерка станавте модел, како започна сето тоа, и каде ја започнавте таа кариера?

Стефани: Најпрво како модел започнав на 13 годишна возраст во агенција за модели. Бев изненадена кога ме известија дека сум најмладата девојка- модел која се пријавила до сега во нивната фирма. Покрај таа агенција за модели за која поработив извесно време јас почнав да работам и во една друга фирма а во исто време бев и редовна ученичка. Овде би сакала да ги наведам надалеку познатите фирми за кои работев како модел во тоа време: Fudge, Suple ,Goldwell, Tigi, TVSN Исто така сум била застапувана како модел во повеќе магазини како: : Cleo, Grazia, OK Magazin, NW & Ria Magazin. Секако подоцна  мој голем успех ако можам така да речам беше  моето појавување на првата страница во (UK) Estetika Magazin i Hairstyles only. Овде сакам да напоменам дека исто така имам учествувано и во повеќе ТВ реклами како на пример: MTV, Dominos, Taken Aut TV Show, Rosle Hogan Show, Envision Akademy и во филмот Multimilion Wolverine.


   

Вие сте една од ретките Македонки посебно во Австралија која смело се зафати во не така лесна професија да им конкурирате и на најубавите девојки на светот и учество на Мис Јуниверзум за Австралија (кога и каде…?

Стефани: На 18 годишна возраст ја сретнав рекламата на интернет  за Мис Јуниверс за Австралија, тогаш одлучив да се запишам бидејќи чувстував дека ќе можам да успеам и на тоа поле. Уписот го направив во уписниот центар во Сиднеј-Кронала. После две недели од уписот бев известена од комисијата дека сум влезена во потесниот круг од 32 девојки. Овде морам да признам дека иако очекував сепак изборот во потесниот круг беше изненадување за мене.  Тука сакам да потсетам на еден куриозитет дека интересот за овој конкурс беше толку многу голем што подоцна дознав дека на конкурсот биле пријавени седум илјади девојки од цела Австралија.


Какви се вашите впечатоци  од промоцијата и како ги оценувате резултатите од изборот за Мис Јуниверзиум за Австралија минатата година на кој сепак се појавија некоректности заради вашата телесна тежина во некои текстови како на пример: “Слабата Македонка го потресе светот и др.”?

Стефани: Видете вака, за да се влезе во таква јака конкуренција мора да се исполнуваат сите критериуми, таму нема по стриковци и вујковци.  При селектирањето јас ја имав потребната тежина иако по природа сум слабичка и витка, тоа не беше пречка да влезам во потесниот круг. Сепак морам да признам дека тие денови пред самиот настап можеби изгубив нешто во тежина што не беше забележливо. Мислам дека и медиумите малку претераа со некои нереални изјави и написи: Не сум била нахранета и тн. тоа беа само новинарски глупости така да се изразам но, тоа е тоа, јас одам напред.


И на крајот дали ќе ни кажете какви се вашите идни планови и со што ќе ја изненадите македонската публика во Австралија и пошироко?

Стефани: Едноставно продолжувам со модната креација и размислувам за уште  едно учество за Мис Јуниверзиум. Потоа или можеби во скоро време сакам да пробам и на филмот бидејки чувствувам дека можам да успеам и на тоа поле, посебно кога ги анализирам сите мои контакти и сугестии со луѓето од таа професија со кои на некој начин сум соработувала.

OhridNews