Сезоната што измина ги комплетираше клупските титули освојувајќи го трофејот во Лигата на Шампиони со Барселона во Келн. Македонската ракометна репрезентација незамислива е без него во составот, а како ретко кој спортист на Балканот, Кирил Лазаров направи препознатлив бренд од своето име.
Во Охрид на неговиот прв ракометен камп можеше да се види во поинакво издание од она што сме навикнати да го гледаме. Во неговите очи се препознаваше претпазливост и позитивна трема, но тоа е нормално кога нешто за прв пат го правиш во својот живот.
– Јас и мојот тим презадоволни сме од кампот и направивме се што имавме зацртано претходно. Воопшто не беше лесно, но со заеднички напори максимално ги надминавме нашите очекувања. Посебна чест ми преставува што децата беа задоволни, а тогаш сите ние сваќаме и сметаме дека сме ја завршиле работата доста добро. Имавме позитивни реакции и од родителите кои што од сега прашуваат дали повторно ќе имаме ваква манифестација следната година. Што се однесува до кампот нагласив и претходно дека како нација имаме квалитет, но треба да се работи за секој талент да се избруси во квалитетен и стабилен репрезентативец. – рече Лазаров на почеток од разговорот со Ohridnews.
Патот до успехот води чекор по чекор, скалило по скалило онака баш како што македонскиот репрезентативец чекори во својата кариера. Тој се фокусира на секој следен предизвик и го прифаќа без размислување со двете раце.
– Се посветив многу на ракометот. Секогаш одев чекор по чекор и се качував скалило по скалило. Никогаш не прескокнував едно по друго него стрпливо чекорев кон остварување на моите соништа. Секогаш кога ќе направиш нешто изгледа многу лесно, но треба да се вложиш многу за тоа така да изгледа на крајот. Јас сум свесен што се имам направено и станувам се по амбициозен да направам уште поголеми работи. – потенцираше Лазаров.
Дека од своите грешки се учи најмногу покажа тимот на Барселона кој сезонава што измина ја освои титулата во Лигата на Шампиони иако и минатата беше фаворит број еден, но Флензбург ги шокираше каталонците во 1/2 финалето, а подоцна во финалето и германскиот гигант Кил.
– Претходните две сезони имавме „страшна“ екипа. Пред минатата малку среќата ни го сврте грбот, а и самите сме криви бидејќи ја испуштивме победата од своите раце. Затоа оваа што измина подучени од минатата сезона се спуштивме на земја и одигравме многу добри два натпревари во завршницата во Келн со што ја освоивме титулата во Лигата на Шампиони. Напоменав и претходно се изгледа лесно кога ќе завршиш, а ние максимално се фокусиравме на нас и жестоко трениравме во тој месец разлика од четвртфиналињата до фајнлфорот. – истакна македонскиот репрезентативец.
Во текот на сезоната најдобрата македонска седумка се релаксира со пиење кафе на плажите во Барселона, а хоби му е играње тенис.
– Кафето со тамошните пријатели најмногу ме релаксира и ми ги отргнува мислите од секојдневните обврски во клубот. Оваа година во мојата агенда го вметнав ракометниот камп кој за прв го одржував, а иначе хоби ми е играње тенис во добро друштво иако не сум толку добар. – вели Лазаров.
Капитенот на македонскиот ракометен колектив има само еден ритуал, а за сега не може да оддели погодок и меч кој најмногу му значи.
– Неправедно е да одберам некој погодок или натпревар. После завршување на кариерата можат да направм збирка од Топ пет погодоци и натпревари, но не би можел да одберам еден. Ритуали немам некој посебни само се крстам пред да излезам на теренот затоа што сум многу побожен и верувам во Бога. – објасни нашиот најдобар ракометар.
Лазаров себе си се гледа како успешен научник ако во раната детска возраст во неговото тело не бил засаден ракометот. Сепак, капитену направи одличен избор одбирајќи го ракометот.
Фото : Емил Јовановиќ
Михаил Постоловски