На 13 години го напушти својот роден крај и замина во Скопје за да го оствари детскиот сон и да стане професионален фудбалер. Освоените титули, двојната круна лани и Куп титулата oвaa сезона јасно говорат дека охриѓанецот Кире Маркоски го живее својот детски сон. Во разговор за Ohridnews, Маркоски отворено зборува за своите почетоци, успеси, победи и предизвици.
– Не беше ни малку лесна одлуката за заминување во друг град на толкава годишна возраст. Најголема заслуга имаат моите родители кои пред се веруваа во мене и поддршката, која до ден денес е истата како на почетокот. Многу беше тешко на стартот бидејќи имав само 13 години и оддeлен од фамилијата се справував со сите предизвици. – рече Маркоски кој се присеќава на неговите фудбалски почетоци.
Првите фудбалски чекори репрезентативецот на Македонија до 21 година ги направи на „Грашница“ во тимот на Воска. Во Скопје се пресели во екипата на Македонија Ѓорче Петров, а по три сезони премина во Работнички каде и моментално настапува.
– Во Воска тренирав со уште неколку мои другари под тренерското око на Агрон Гони Мерко. Тој со своите совети не упати на вистинскиот пат во фудбалот, по кој за среќа се уште чекориме. Тимот на Македонија ЃП беше моја прва дестинција во Скопје, а таму се искалив во цврста личност по деновите и месеците минати без моите најблиски. Кога потпишав во Работнички целосно ми се отворија вратите во фудбалот. Максимално организиран клуб, во кој секој знае што му е работа. Резултатите говорат дека клубот работи по вистински терк, а многу внимание посветуваат во младинските категории кои се богатство на клубот. – додаде охриѓанецот.
Повеќе од одлично му оди на Маркоски во Работнички, но еден ден посакува да направи трансфер во клуб од водечките лиги во Европа. – Се е супер во Работнички, но тука сите сме со една цел а тоа е да напредуваме во кариерата. Чекор по чекор со напорна работа се надевам дека еден ден ќе успеам во моите намери. Клубот од Дебар маало ни нуди бескпрекорна работа без никакви притисоци било што и да направиме во мечот. – потенцира Маркоски.
20-годишниот фудбалер нема некои посебни ритуали пред натпревар, а се подготвува со добра музика во тишина. Идол на охриѓанецот е најдобриот светскиот фудбалер Кристијано Роналдо, но од времето кога беше дел од Манчестер Јунајтед. – Секогаш практикувам да сум сам пред натпревар и со музика да го отргнам вниманието. Секаква музика ме расположува, а најмногу ми треба мир и одмор. – истакна Маркоски.
Двата погодоци и асистенција во триумфот на Македонија ЃП (3-1) против 11 Октомври во финалето од Купот во Македонија во младинска конкуренција е мечот, кој засекогаш ќе го памети Маркоски.
– Тој натпревар целата екипа го одигравме во еден здив. Ја имав таа среќа да бидам човек на одлука и да го освоиме трофејот во Купот на Македонија. Исто сакам да го издвојам погодокот со Ренова оваа сезона во 1/2 финалето од Купот, кој ни ги отвори вратите за финалето – вели Маркоски.
Охриѓанецот ги мина сите категории во македонската фудбалска селекција, а моментално работи со селекторот Благоја Милевски во младинската репрезентација која во Охрид се подготвуваше за престојниот меч со Исланд во квалификациите за Европското првенство.
Маркоски за А репрезентација дебитираше на мечот во Кина кога селекцијата беше составена од играчи од Првата лига, но неговата цел е јасна, повик во А тимот на официјален натпревар.
Фото : Емил Јовановиќ
Михаил Постоловски