Првите спортски чекори ги направи во атлетиката, имаше кратка авантура во боксот, а веќе четири години е незаменлив во ракометниот клуб Охрид. Иван Тасески (21) нема посебни ритуали пред мечевите, омилен број му е 19, а посакува да игра како Хулен Агинагалде.
– За прв пат почнав да тренирам атлетика во 2007 година. Се натпреварував во неколку дисциплини и тоа во трки на кратки патеки 100 и 200 м, штафета и број еден дисциплина ми беше скок во далечина. После две години поради повреда направив пауза од неколку месеци, па на тие години повеќе ми се допадна да имам повеќе слобоно време, па така престанав да тренирам атлетика. Потоа рекреативно почнав да тренирам бокс 2009/2010 година, a имав и неколку борби. Слично како и со атлетиката, но овој пат не поради повреда имавме пауза пошто следуваше летото и паузта се пролонгираше. Откако слушнав дека повторно почнува да живее ракометот во градот започнав да тренирам ракомет, па така еве веќе четири години сум дел од овај спорт – рече Тасески.
Од првата средба со ракометна топка до денес Тасески има неверојатен напредок што се должи на напорна работа на тренинзите под будното око на охридскиот стратег Горан Андоновски.
– Во 2010-та година за прв пат фатив ракометарска топка, а буквално од ракометот не ја знаев ниту буквата “Р“. Имаше доста шеги на моја сметка тогаш, но тоа не ми претставуваше никаков проблем, и продолжив напорно да тренирам. Само со максимална посветеност на тренинзите стигнав до моменталниот успех. Секоја шанса гледам целосно да ја искористам, но во никој случај не застанувам тука ,напротив ќе продолжам со тренирање, надградување, се’ за да постигнам уште поголем успех – истакна Тасески.
Охридскиот пивотмен без некакви посебни ритуали се подготвува за натпреварите, носи деветка на грбот која за него нема посебна симболика.
– Сакам да се одморам, да ги избистрам мислите и да се сконцетрирам максимално бидејќи ракометот бара целосна фокусираност. Моменталната бројка нема посебно значење и ја добив сосема случајно. Омилен број ми е 19 па еден ден се надевам дека ќе го носам тој број во дресот на Охрид. – вели Тасески.
Ни “комита“, ни “пират“.
Во Вардар и Металург македонскиот ракомет има два европски преставници во Лигата на Шампиони. Нивниот ривалитет ги “дели“ и љубителите на ракометот во земјава. – Не сум конкретно определен кон некој тим. Навивам за двата само да има убав и квалитетен ракомет. Повеќе обожавам да го гледам Вардар поради што играат поубав ракомет, побрз и повеќе тимски за разлика од Металург кој играат доста бавен ракомет и повеќе идивидуален – рече Тасески.
Натпревар кој вечно ќе го памети Тасески е од оваа сезона е поразот од Тинекс Пролет (24-25), кој Охрид драматично го загуби со гол во самиот финиш. – Се’ уште ми е криво за тој натпревар. Постигнав погодок во нашиот последен напад на мечот, но не успеавме да се одбраниме и загубивме со еден разлика – се сеќава Тасески.
Идол на охриѓанецот од светскиот ракомет е шпанскиот репрезентивец Хулен Агинагалде, кој моментално настапува во Киелце, од ракометарите од домашна сцена најмногу го инспирира рускиот интернационалец во дресот на Вардар, Михаил Чипурин.
Тој во иднина се гледа во охридската екипа, но не ја исклучува можноста да ја промени средината. – Амбициите ми растат од сезона во сезона. – Немам ништо против да останам во Охрид, но би сакал да си ја пробам среќата и во друг клуб – додаде Тасески.
Нераскинлива е врската со охридските „Рибари“ – Тие се наша инспирација и одговорност и точно нашата врска е нераскинлива. Четири години се наша движечка сила што ни преставува голема чест и задоволство. Имавме среќа нивниот 25-годишен јубилеј кој беше вистински спектакл да го прослават на наш натпревар. Не можам јас и целата екипа да си простиме што не успеавме на дуелот со Прилеп да победиме со што ќе кулминираше „сино белата“ прослава – заврши популарниот „Тасе“.
Михаил Постоловски
Фото : Емил Јовановиќ