Од 2014 година е со знакот на ФИФА и нема посебни ритуали од стандардните кои секој фудбалски судија ги има пред почетокот на натпреварот. Прилепчанката, Ирена Велевачкоска повеќе од една деценија како судија е дел од македонскиот фудбал, а сонот или целта и е учество како делител на правдата на едно големо натпреварување во женска сениорска конкуренција.
– Вкупно 12-та година како арбитар сум дел од фудбалот во Македонија. На почетокот предизвикот беше голем, а возбудата е таа која ме носи се уште во сите натпревари на кои ја делам правдата. Од почеток значи 2004 година до 2014 бев асистент, а од 2014 сум главен судија со знакот на ФИФА. Со еден збор неможе да се опише задоволството од судењето, но едно можам да кажам дека голема е привилегијата да се има таа можност. – рече на почетокот од разговорот Велавачкоска.
Според неа долго време женските судии биле табу тема во македонскиот фудбал, но повеќе не е така и пет женски судии конкурираат за делење на правдата во Првата и Втората македонска фудбалска лига во машка конкуренција. – Долго време во нашата земја табу тема беше женскиот фудбал и женските судии. Но, како што одминува времето тоа станува најнормално и така треба да биде бидејќи на теренот не постои разлика помеѓу машко или женско. Секој судија треба професионално и одговорно да ја одработи својата задача. Привилегии, да имаше порано, сега не толку, бидејќи и ние девојките како и момчињата трчаме норми и полагаме тестови, што значи нема разлика. – додаде прилепчанката.
Доделувањето на знакот од ФИФА за судија значи континуирано и добро судење подолг период. Подготовките за полагањето за признанието од ФИФА траат неколку месеци проследено со теорија и практика.
– Судискиот комитет во Фудбалската федерација на Македонија ме предложи да бидам меѓународен судија односно да станам член од ФИФА. Предложувањето беше одговорност, а шансата голем предизвик за која сметав дека не смеам да ја пропуштам. Тестирањата се одржаа во Лисабон, Португалија, а подготовките траеја неколку месеци. Прво се подготвував физички, а потоа низ специјални видео материјали и практично. Исто така работев и на движењето на теренот односно координација што е многу важно за еден главен судија. Поминав одлично, положив и добив високо признание за самата себе, судискиот комитет и македонскиот фудбал. – потенцираше Велевачкоска.
Зад своето име Велавачкоска има интернационално искуство судејќи на турнири под капата на УЕФА, а сонот и е да биде дел од континентален собир за сениорки. – За следниве десет години да планирам не е возможно, но во поблиска иднина посакувам да бидам дел од некое големо натпреварување и се разбира да бидам на листата судии кои конкурираат за делење на првавдата во женската Лига на Шампиони. – заврши Велевачкоска.
Михаил Постоловски
Велевачкоска осум години е дел од македонскиот, а четири од елитниот фудбал