Неговото доаѓање го „разбуди“ кошаркарскиот клуб АВ Охрид, а исто и публиката, која секој нов напад очекува трик поени од Девин Брукс. 25-годишниот кошаркар беше прв трансфер потег на КК АВ Охрид по играчките промени, и добитен, бидејќи по четири одиграни мечеви во целост ги оправда вложените средства.

Пред да го засили АВ Охрид американскиот кошаркар немал слушнато за Македонија, а со оглед на неговото искуство од Естонија знаел што го очекува. 

– Ми се допаѓа Охрид и земјата, опкружувањето, има многу стари градби тука, има многу историја. Ги посетив повеќето цркви во Охрид. Засега е добро. Ми се допаѓа. Во другите градови само игравме и се враќавме, немаше многу време за разгледување. –  изјави Брукс на почетокот од разговорот за Ohrid News.

Во начинот на живот е разликата меѓу Охрид и неговото родно место Харлем во близина на Њујорк. – Многу е побавен животот овде, помирно е. Не се случуваат многу работи, луѓето се во своите домови во одредено време. Местото од каде што доаѓам јас е многу поживо, луѓето се надвор цел ден. Овде луѓето пушат многу цигари. Не сум навикнат на тоа.

Три и пол години Брукс е професионален кошаркар, бидејќи американските колеџи не дозволуваат потпишување на професионални договори додека траат студиите.

– Професионално почнав да се занимавам пред три и пол години откако дипломирав на колеџ. Прво кошаркарката беше како мое хоби, но подоцна стана моја професија. Мојата прва дестинација беше Естонија па потота во развојната Д лига во НБА во САД и потоа дојдов овде. – потенцираше Брукс и додаде како дојде соработката со охридскиот клуб. – Мојот агент е многу добар, тој имаше контакти со овој клуб и ми кажа дека ситуацијата овде ќе биде добра, јас му верувам, имам доверба во него и така тој ме доведе овде. Мојот агент ја заврши целата работа за мене. Значи врската беше помеѓу мојот агент и менаџерот на клубот.

Американецот пробал неколку јадења од македонската кујна на која за сега не може да се навикне. Брукс најмногу го обожава пилешкиот оброк со ориз и чизбургерот, а исто така голем љубител е на тестенини и сосови.

– Храната е добра. Подобра е отколку во моето последно место, каде беше многу лоша. Знам само една или две продавници кои имаат добра храна, но јас јадам само две или три јадења цело време, па мислам дека треба да истражам повеќе видови на храна, па да одлучам што најмногу ми се допаѓа. Јадењето кое го јадам најчесто е пилешко и ориз. Се што е блиску до американската храна ми се допаѓа. Има некои јадења што ми се допаѓаат, додека некои ми се чудни. Како на пример пилешкиот стек има поинаков вкус отколку кај нас, или чизбургерот не е баш чизбургер, или сланината е чудна, како да не е сланина, како да е шунка, тестенините се поинакви, сосовите се поинакви отколку во мојата земја, пилешките крилца се подготвуваат поинаку  и вкусот е поразличен од оној на кој сум навикнат. Така да се е исто но е со различен вкус. Подготвено на поинаков начин. Се додека сум тука морам да се навикнам на оваа храна. – истакна Брукс.

Организираторот на играта во составот на АВ Охрид нема некој посебни ритуали пред натпревар. Единствено комуницира со својата поубава половина Лондон која е гостинка на Брукс деновиве во Охрид. – Зборувам пред натпревар со неа и тоа ме мотивира. Некои посебни ритуали немам, бидејќи зборувам или разменувам пораки со Лондон.

Во разговорот Брукс ја откри и не толку „јавната“ тајна да се успее во НБА лигата, односно да се добие шанса да се бидел дел од најсилната лига во светот.

– Да се биде во НБА нема тајна, мора многу напорно да се работи. Но, да се биде успешен таму, тајната е во стратегијата, да се преговара добро и да се имаат многу добри врски. Тоа е тајната.  Луѓето го гледаат талентот, но мора да сте добро поврзани со социјалните медиуми (мрежи), да имате добра политика, стратегија, мора да ги имате вистинските луѓе за да стигнете каде што сакате, луѓе кои можат да ви помогнат да одите напред . Мора да имате некој агент зад себе, кој знае многу добро да ве спакува. Зошто ако сте добри, ако сте добар кошаркар, но немате кој да везастапува и продаде, може само да се надевате дека некој ќе ве види и ќе добиете шанса. – рече американскиот кошаркар кој лично познава неколку кошаркари кои се натпреваруваат во НБА лигата.

„Галебите“ со Брукс во ростерот и со добрата атмосфера во екипата пловат во мирни води по турбелетниот почеток на пролетната полусезона. Победите над Вардар во последниот меч од регуларниот дел од Првата и над Пелистер во првата рунда од плејаутот дојдоа како посакувани за охриѓани во пресрет на преостанатите мечеви во борбата за опстанок.

– Мило ми е што со моето доаѓање има промени, убаво е да правиш промени каде и да одиш. Мојата работа е да ги направам момците подобри, да создадам добри врски, добри пријателства, зошто незнаеш што може да се случи следната година. И пред да дојдам тука мојата задача беше да го направам тимот подобар, да го правам тоа што го правам и да победуваме најмогу што можеме.Тоа ќе го правам се додека можам. Првите два натпревари на кои изгубивме не се вклопував најдобро на паркетот, не ги разбирав момците, но на другите два победивме. Потребно е многу за во одреден клуб само да дојдеш и веднаш да разбереш како се работи. Сите се подготвени, сите работат полека, секој знае што другиот може да направи, но сега подобро разбирам што може секој да направи на паркетот. Посакувам да имавме повеќе натпревари, посакувам да не бевме во долниот дел од табелата, па да можевме да направиме разлика и да избориме пласман во плеј офот. – изјави Брукс.

Михаил Постоловски