Таа е синоним за успешен и трофеен спортист. Таа во 2012 ја освои титулата во Лигата на Шампиони, сребрениот медал на Европското првенство во Србија и беше прогласена за најдобра ракометарка на светот.
Во разговор за Ohridnews, Андреа Лекиќ (27) ја откри тајната на успехот и мечеви и голови кои вечно ќе ги памети и што би била ако не е ракометарка.
– Тајната до успехот се крие во љубовта во она што го работиш. Кога нешто го сакаш ќе направиш се за да го оствариш или добиеш. Упорноста и желбата дефинитивно се исплаќаат особено во спортот. Мора да истрпиш многу работи, но благодетите од спортот се многу големи. – рече на почетокот од разговорот Лекиќ и додаде : Дефинитивно меч што ќе го паметам засекогаш е дуелот со Норвешка во четвртфиналето на Светското првенство во нашата земја каде одигравме фантастичен натпревар во секој сегмент и финалните натпревари во Лигата на Шампиони во дресот на Ѓер со тимот на Ларвик кои ги0 добивме со вкупен резулат (47-43). Погодок кој најмногу ми значи е против Турција во бараж натпреварот за пласман на Европското првенство 2012 година кое се одржа во Србија, а требаше во Холандија.
Првата средба со Охрид минатото лето била пресудна за одлуката третиот нејзин ракометен камп да се одржи во градот под Самоиловите тврдини.
– Охрид ме воодушеви и освои по првото посетување минатата година. Веднаш потоа се роди желба во мене да ја спојам оваа убавина со мојот камп што на голема радост се случи многу брзо. Две години играм во Македонија и можам слободно да кажам дека се осеќам како дома. Затоа го организирав кампот во Охрид бидејќи сакам да помогнам во развојот на ракометот, кој е спорт број еден во Македонија. – истакна Лекиќ.
Таа своето знаење заедно со нејзиниот тим несебично го пренесуваат на ракометните кампови кои траат една седмица. Стручниот штаб го сочинуваат големи ракометни имиња од српскиот ракомет, а дополнето со врвен медицински персонал и психолози кои работат со Лекиќ во текот на сезоната.
– Нашата цел во кампот е да го подобриме квалитетот на децата. Ние неможиме за седум дена да направиме чудо, но можеме да ги насочиме децата кон вистинскиот пат во ракометот. Нашиот тим составен од врвни психолози и доктори цело време ги набљудува децата и работи со нив. Тоа што седум дена ќе се заедно и ќе поминат се и сешто ќе ги направи прво среќни, а потоа и цврсти карактери што е неопходно за врвен спортист. – додаде капитенот на српската репрезентација.
Лекиќ сезонава ќе ја започне третата во Вардар, а во двете претходни со тимот се пласираше во Фајнл фор завршницата во Лигата на Шампиони.
– Привелегија е да се биде дел од спортско друштво како Вардар. Тоа што Вардар ни го нуди секојдневно не верувам дека некој спортски клуб во Европа го има. Условите се неверојатни, пристапот кон играчите и сите други структури во клубот исто така се на завидно ниво. Комплената слика за клубот ја прават навивачите кои се буквално движечка сила во сите оние тешки и исцрпувачки моменти кои ги имаме на теренот. – потенцираше Лекиќ.
Лекиќ нема некои ритуали пред натпревар, а се подготвува со весела музика без разлика дали е наша или „странска“.
Таа има ново хоби кое не го откри, но затоа кажа што и е слаба точка . – Баш сега неможам да го откријам моето ново хоби бидејќи сакам да ги изненадам моите најблиски. Иначе, голем гурман сум. Сакам добра чаша вино и сакам да посетувам ресторани.
27-годишната ракометарка на македонскиот првак ако не се одлучела за ракометот ќе била добра кошарка, а во љубовта моментално нема момче и не предвидува ништо околу тоа.
Фото : Емилио
Михаил Постоловски