Управниот суд ја одби тужбата на поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски што ја водеше против Комисијата за лустрација, која го прогласи за соработник на тајните служби.

Тоа значи дека Управниот суд исто како и Комисијата за лустрација утврдил дека Ивановски бил соработник на тајните служби.

Одлуката на Уставниот суд утрово за Макфакс ја потврди претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, кој пресудата ја подигнал преку нивниот курир.

Ивановски пак заедно со неговиот адвокат, Стеван Павлевски утрово околу 8:30 часот отишле во Управниот суд да ја подигнат пресудата, но по половина час чекање не им била доставена.

Павлевски вели дека заедно со Ивановски чекале пред Управниот суд до 9 часот, но пресудата не ја добиле, па изреволтирани си заминале.

Претседателката на Управниот суд, Розалија Кочковска, вели дека на странките им било речено да ја почекаат пресудата, но тие си заминале. Па затоа од Управниот суд пресудата ја испратиле со специјално овластено лице.

Ивановски и Аџиев денеска требаше да ја подигнат пресудата од Управниот суд по тужбата што Ивановски ја водеше против Комисијата за лустрација, која го прогласи за соработник на тајните служби.

Ивановски е првиот функционер за кого Комисијата за лустрација утврди дека соработувал со тајните служби на поранешниот режим. Тој тврдеше дека е жртва и на поранешниот и на сегашниот режим.

Во својата прва реакција по објавување на одлуката на Управниот суд, Ивановски истакна дела целиот мој предмет е политички предмет и е формиран за да се покрие лустрациониот процес. Тој најави тужба за претседателот на Комисијата за лустрација Томе Аџиев оти тврдел дека Ивановски има потпишано изјава за прифаќање на соработка со УДБА, а според него таква изјава не постоела.

„Во добар дел ми е извршена една вешта фабрикација на лице кое што не припаѓа ни на еден табор, ни на левицата, ни на десницата, разбирливо е очекувањето на тие што го избрале тоа лице, да нема спротивставување од страна на носечките политички партии и такво немаше. Јас останувам на таа оценка дека целиот мој предмет е политички. Ако лустрацијата се сведе само на мене, колку и да е тоа вистина тешко дека некој во јавноста целото тоа ќе го проголта, дека во цела Македонија, од 1944 година па до денеска имало само еден соработник на тајните служби“, рече Ивановски.

Тој не е задоволен од постапката што се водела против него во Управниот суд. Останува на ставот дека во неговиот случај се работи за политичко досие, а не за соработничко досие и дека Управниот суд не ги утврдил фактите и дека не ги зел во предвид неговите докази.

OhridNews
извор: „Макфакс“