Сите луѓе се помалку или повеќе ранливи, но сите поседуваат способност да научат да дадат прва помош со цел да се зачува нечиј живот. Ова е пораката која Црвен крст Охрид ќе ја промовира на одбележувањето на Светскиот ден на првата помош 12 септември.

По тој повод на 12.09.2009 г. (сабота) на Градскиот плоштад, Црвен крст Охрид ќе организира низа активности (демонстрации на техники за укажување на прва помош во различни ситуации, презентација на потребна опрема и средства за укажување прва помош, сведоштва на оние кои спасиле човечки живот укажувајќи прва помош и др.) со кои ќе се потенцира на волонтерскиот дух и солидарноста, на принципите на кои се заснива укажувањето на првата помош-хуманост, непристрасност и доброволност.

За посетителите на оваа манифестација кои ќе учествуваат во активностите: учење на некои од техниките на укажување прва помош, квиз на знаењата за прва помош и др. предвидени се вредни награди, а на располагање ќе бидат и два лекарски тима кои ќе вршат мерење на крвниот притисок.
 
Во рамките на активностите за одбележување на Светскиот ден на првата помош, на платото пред Рибниот ресторан истиот ден од 10:00-15:00 ч. ќе се одвива крводарителска акција на која граѓаните ќе можат да ја покажат својата хуманост, дарувајќи крв. Акцијата ја помогна спортската обложувалница „Премиер“, која за најсреќниот крводарител извлечен на крајот на крводарителската акција, обезбеди вреден подарок.

Црвениот крст Охрид ги повикува граѓаните да се вклучат во одбележувањето на Денот на првата помош.

Ohridnews