Денеска, по повод 6-ти Септември, кога се одбележува 80 годишнината од создавањето на 6. Македонска народноослободителна бригада и 32 години од формирањето на 6. пешадиска бригада, во касарната во Охрид се одржа пригодна свеченост.

Пред построената единица од воените ветерани и резервисти на 6-та пешадиска бригада на Армијата на Република Македонија, за нејзиниот развоен пат, зборуваше полковникот во пензија и претседател на Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија-огранок Охрид, Добре Велјаноски.

На свеченоста, присуствуваа генералот во пензија и поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, Илија Николовски, воедно и претседател на воените ветерани и резервисти на Република Македонија, генералот во пензија Филип Котели, претседателот на Сојузот на борци од Охрид, Гоце Георгиевски, претставници на СВР Охрид како и повеќе поранешни припадници на единицата и раководители во безбедносните служби на Армијата и полицијата.

Полковникот Велјаноски, им оддаде признание на сите припадници на Армијата кои, несебично се вградија во развојот на единицата и на Македонската армија, потсети на историските судбоносни моменти од периодот на заминувањето на поранешната југословенска војска и формирањето на првата единица на АРМ.

Во рамките на одбележувањето на денот, синоќа во просториите на касарната се одржа трибина на тема „6. Бригада“ во касарната во Охрид на трибина на која говореа генералот Котели, пензионираниот потполковник Павле Момироски и заставникот Сенај Идризоски. Велјаноски рече дека, припадниците на единицата, на 8 септември ќе изведат марш по борбениот пат на 6. Македонско народноослободителна бригада почнувајќи од касараната, преку селата Годивје, Цер до Крушево.

Во знак на почит за посебниот придонес во формирањето на 6 пешадиска бригада, претставници на воените ветерани од единицата и ветераните од областа на одбраната и безбедноста, положија свежо цвеќе на гробот на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба.

OhridNews