Единицата за брзо распоредување (ЕБР) при Министерството за внатрешни работи е единица која по својот состав, улога, професионални специфики, како што впрочем и напишав во воведниот текст од монографијата по повод овој дводецениски јубилеј на нашите колеги од ЕБР, претставува клучна алка во остварување на полициските цели на безбедноста, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното обраќање на пригодната свеченост по повод 20 години од формирање на ЕБР.Македонската полиција, нагласи Спасовски, денеска одбележува уште еден, исклучително значаен настан 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, организациона структура која што темелно е позиционирана во нашиот систем на полициско функционирање и дејствување.
Од 2001-та година, кога е формирана Единицата, па сѐ до денес, преку своите активности, трансформации, вложен труд, врвни обуки, професионализам и постигнати видливи резултати, сето тоа недвосмислено го докажаа и покажаа, овозможувајќи оваа полициска организациона единица да биде она што е денес: суштински неопходна полициска формација, особено во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување во оној севкупен концепт на европски полициски систем на безбедност, кон кој што целиме и интензивно го градиме во изминативе неколку години, истакна министерот Спасовски.
Почнувајќи од 2017 година, потсети тој, се реализира динамичен процес на материјално-техничко оспособување на полициските служби и на полициските службеници, притоа потпирајќи се претежно на сопствени средства, односно средства од буџетот на Министерството, па во тие реализирани планови и проекции е опфатена и Единицата за брзо распоредување, односно сите нејзини припадници.
Како во поглед на личната опременост на полициските службеници преку набавката на униформи, така и во поглед на подобрување на објектите и инфраструктурата што тие ја користат во секојдневното работење. Така, пред неколку месеци за припадниците на Единицата за брзо распоредување се обезбедени три различни видови униформи (урбана маскирна, рурална маскирна и униформа за услови на нарушен ЈРМ во поголем обем и апсење на опасни лица), како и спортска опрема. Се разбира, во тек се и дополнителни инфраструктурни работи, опремување со современи средства, оружје и возила, а во нашите идни инвестициски планови, бездруго, единицата и нејзините припадници ќе бидат неизоставен дел во кој што треба и мора да се константно да се вложува, вклучително и во натамошното професионално образование, тренинзи по највисоки стандарди, следејќи го примерот на европските специјални сили. Притоа, оваа високофункционална единица, која е способна самостојно или во координација со други служби да извршува сложени задачи, покрај тоа што го негува мултиетничкиот карактер, посветува внимание и на родовата еднаквост во своите редови, истакна министерот Спасовски.
Тој потенцира дека во овие времиња на исклучително сериозни глобални и општествени предизвици, токму припадниците на ЕБР беа и се во првите редови на системското спречување, заштита и превенција – тргнувајќи од беспрекорно извршуваните задачи во поглед на актуелната пандемија со Ковид- 19, па сѐ до целосната деноноќна партиципација буквално на сите нејзини припадници во превенцијата и заштитата од елементарните непогоди, односно во борбата со пожарите, како опасна закана со којашто се соочивме во изминатиов период во повеќе региони од државата.
OhridNews