Одбележани 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, познат онколог во светот, роден во Охрид. Годишнината од неговото раѓање паралелно се одбележува во Скопје и во Париз, кадешто пред неколку години беше откриен неговиот гроб. Настанот, кој се одржа вчеравечер, започна со едноминутен молк во чест на загинатите во катастрофалниот пожар во Кочани.

Деновиве недостигаат зборови и едно знам – додека сум жива ќе ги носам овој товар и оваа болка. Никогаш нема да ги заборавам. Анастас Коцарев е доказ дека големите научници ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Таа додаде дека од една страна се чувствува големо, голема и големо кога зборувам за Македонец од светски глас, а од друга страна, како што вели „ ја сфаќа амбивалентноста на националната припадност кога зборува за научник преселник, светски профил, чиј гениј е цивилизациско обележје и му припаѓа на светот, оти поседува ум, како што вели Тихон, побрз од светлината, знаењето и мислата што пропатувале низ вековите и денеска се со нас. Јас верувам дека и денес патува низ универзумот формирајќи го Коцаревото македонско-француско-швајцарско созвездие“.

Отсекогаш сум верувала дека има нешто посебно во Охрид, не затоа што сум родена во Охрид. Анастас е посебен охриѓанец, израснат во старо, угледно семејство. Образовниот пат го почнал во родниот град, го продолжил во Солун, а дипломата по медицина и двата докторати ги стекнал едниот во Женева, другиот во Париз каде што станал асистент и доцент на универзитетската клиника. Кариерата го води во Париз, каде – ако не, кај професорката и директорката на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“, нобеловката Марија Склодовска-Кири. За жал, починал млад во 1931 година, веројатно од смрт поврзана за неговата работа, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека оваа област во која Коцарев е врвен, не и е блиска и затоа е восхитена.

Знам дека неговата научна преокупација била дијагнозата и третманот на ракот со помош на радиумот, што јас го обвинувам за неговата прерана смрт. Знам дека е првиот научник кој изработил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Но, не ми е многу јасно што значи тоа. Но едно е јасно. За нас Македонците, д-р Коцарев е познат како вистински, инспиративен zoon politikon, храбар, луциден македонски политички активист во Швајцарија и во Франција. Тој е иницијаторот, предводникот на обединувањето на македонските друштва во Цирих и во Лозана, во Заедничкото друштво на Македонците за независна Македонија, чијшто претседател станал. Веќе беше спомената Версајската конференција – да, тој е човекот којшто поднел барање за тричлена комисија којашто би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но и тој кој поднесувал бројни петиции за праведно решавање на македонското прашање, нагласи претседателката.

На неговиот прекрасен ум, како што посочи, Нобеловата награда за медицина, меѓу двете светски војни, му била на дофат.

Анастас Коцарев, сè уште, е цитиран пионир во радиографијата и онкологијата – тоа за мене го прави безвременски научник, личност на којашто човештвото, заради доброто што му го дал, многу ѝ должи. За мене тој е олицетворение на моќта на науката, којашто не познава граници, а воден од максимата „ubi bene, ibi patria“, ама никогаш не ја заборавил својата patria, Анастас ги поврза Македонија, Франција и Швајцарија, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека и е многу мило што и денеска овде се присутни францускиот амбасадор и швајцарската амбасадорка.

Таа посочи дека заедничкото македонско-француско-швајцарско чествување на великиот научник, во нивно присуство, токму ја манифестира и ја докажува огромната обединувачка моќ на науката.

Затоа јас честопати велам дека инвестициите во науката се најдобрите инвестиции. Анастас е охридскиот вруток на научната инспирација. На париските откривачи на „Заборавените Македонци“ и на домаќините од Музејот на македонската борба за независноста во Скопје им посакувам успешно пишување на романот-река, како што велат Французите, на одисејата на многуте знајни и незнајни умови коишто порано или подоцна блеснуваат и се вгнездуваат во македонската историја, вели Сиљановска-Давкова.

Претседателката во оваа прилика го поздрави македонско-француското партнерство меѓу општината Бонди и Охрид, посакувајќи да види улици и плоштади со негово име, да застане и да се поклони пред спомен посветен на Коцарев.

OhridNews