Во охридската библиотека денес, се одбележаа 100 години од раѓањето на писателот и поет Димче Маленко, значаен општествен и културен деец, учесник или директен иницијатор за создавањето на бројни манифестации како „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“, „Прличеви беседи“, како и на неколку културни институции во Охрид – Библиотеката „Григор Прличев“, народниот универзитет „Кузман Шапкарев“, охридскиот театар од педесеттите и други. Целиот свој животен век го посветил на подигање на културното живеење во Охрид и Македонија, подигање на нивото и богатството на македонскиот литературен јазик, чиј добар познавач беше.

На свеченоста по повод годишнината, за животот и делото на Маленко зборуваа проф. Славе Ѓорѓо Димоски, а модератор беше Милчо Јованоски. Извадоци од делата на Маленко читаа Анамарија Момироска и Кирил Ковачески.

  • Се случува во историјата на литературата некои писатели и нивните дела да се стават понастрана, да се подзаборават, од вакви или онакави причини да се премолчат, упорно да се изоставаат од панорамски и други претставувања или да се одбегнуваат од симпозиумски дискусии, иако (потајно) се знае дека, кон нешто што оставило некаква трага не треба и не смее да се однесува така, бидејќи секое творештво претставува национално богатство и наследство, крунски доказ за едно постоење и векување. Затоа, во духот на познатата аксиома на Булгаков „ракописите не горат“, се јавува времето-фактор кое сè одново безрезервно ќе понуди на препрочит, ќе расветли, ќе ги разбранува матните духовни (и политички) барички и на површина ќе исплива она што некогаш не било забележано или пак (од различни причини) намерно поттурнато од пред очите на љубопитниот читател. Во македонската литература таков пример е охридскиот писател Димче Маленко, кој со својата примерност упорно создаваше автентично уметничко дело, водеше мачни битки за обелоденување на истото, рече во своето обраќање до присутните професорот Димоски.

Роднокрајниот автор романсиер и раскажувач Димче Маленко е роден во Охрид на 21-ви септември 1919-та година. Осмолетка завршил во Охрид. Петгодишна Машка учителска школа завршил во Белград 1938 година. До 1941-ва година студирал Педагошка група предмети на Филозофскиот факултет во Скопје, (запишувајки ВИ-ти семестар). Бил активен учесник во НОБ е од 1941-ва година. За тоа време категорички откажал да му служи на окупаторот. За време на војната дејствувал во позадина и како партизан. По ослободувањето бил раководител во просветата и културата во Охрид или на професорска должност, кога вонредно завршува и Филозофски факултет-група Македонски јазик со книжевност, во Скопје. Во 1965-та година е пензиониран како учесник во НОБ. За сето време живее и работи во Охрид. Член на Друштвото на писатели на Македонија е од 1971-ва година. Почина во Охрид во 1990-та година.

Првично Маленко пишува поезија. Во периодот 1939-1944-та година настанала збирката поезија „МАЧНИЦИ“ но, успева да ја објави дури во 1983-та година. Во списанието „Културен живот“ ги објавил драмите „САМУИЛ“ (1969-та година); „ПРОКУДЕНИК“(1972-ра година); „РАНИ РАСКАПИ“ (1987-ма година) и едночинката „УНЕР“ (1976-та година). Меѓутоа, Димче Маленко првенствено е романсиер и раскажувач. Во таа своја жанрова определеност го објавил романот од НОБ „СЛОБОДОЉУБИВИ ЧОВЕКОЉУПЦИ“ („Наша книга -Скопје“ 1972); Збирката новели „Паркот на Јоновци“ („Мисла – Скопје“ 1973); Објавувал раскази во македонската периодика, меѓу кои „Огнено раѓање на слободата“, „Ојлуле“, „Астар“ и други. Постхумно во 1994-та година е објавен романот „Вознемирен водосвод“. Пишува оценки, белешки од литературна критика, есеистика и фолклористика, та последното издадено дело за време на животот му е „Охридската народна песна и приказна“ („Радио Охрид“ 1989-та година).

По повод 100 годишнината од раѓањето на Маленко неговите најблиски синот и ќерката Петар Маленко и Убавка Упевче создадоа веб страница њњњ.димцхемаленко.цом на која има низа интересни факти од живот и творештво на нивниот татко а за прв пат е објавен и неговиот драмски текст „Лути сме или луѓе сме“.

OhridNews