По повод одбележувањето на шестгодишнината од трагичната хеликоптерска несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата на Република Македонија, денеска во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина во организација на Командата на ЕУФОР и македонскиот контингент беше организирана комеморативна церемонија за одбележување на овој трагичен настан.
Делегација од Република Македонија предводена од Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски заедно со претставници на Армијата на Република Македонија им оддадоа почит на трагично загинатите војници и положија венец со свежо цвеќе на спомен обележјето.
На комеморативната церемонија Државниот секретар во Министерството за одбрана Стефаноски ја потенцираше големата загуба на Армијата на Република Македонија и улогата кои Македонските војници ја имаат во придонесот кон глобалната безбедност и светскиот мир како и кон создавање на траен мир и безбедна средина на регионално ниво.
“Загубата на нашите 11 мировници е прва непреболена загуба на Република Македонија во нејзиниот придoнес кон глобалната безбедност и светскиот мир. Загинатите мировници беа одлични и достојни промотори на заложбите на Република Македонија во придонесот за создавање траен мир и безбедна средина во нашиот Регион. Секогаш кога зборуваме за нашите постигнувања во евроатлантските интеграции, војниците и старешини во меѓународните мисии беа посебно издвојувани и потенцирани како нашата најголема вредност, тие се нашите амбасадори на мирот. Токму преку безрезервниот ангажман на нашите војници и старешини во мисиите надвор, Република Македонија го зацврсти својот меѓународен углед и кредибилитет на држава која може рамноправно со сите останати да се соочи и со најтешките предизвици.“ – рече Стефановски.
Во кампот Бутмир, државниот секретар Стефаноски оствари средба и со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор Дитер Хеидекер, на која беше реафирмирана поддршката на државата во воспоставувањето, одржувањето и унапредувањето на регионалната стабилност и безбедност, како и развојот на регионалната соработка, како темел на мирот во овој дел од светот. Генералот Хеидекер се заблагодари за придонесот на Република Македонија во рамки на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА и посочи дека македонскиот контингент професионално и вешто ги извршува доделените задачи.
Стефаноски оствари средба и ги посети припадниците на македонскиот контингент во кампот Бутмир.
Република Македонија во операцијата на ЕУФОР учествува со вкупно 11 лица – медицински тим за ROLE 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир и воен правник, помошник правен советник во Командата на ЕУФОР, БиХ.
OhridNews