Делегација од Општина Охрид, претставници од Државен Архив ПО Охрид, како и претставници од политичкиот и јавниот живот во Охрид, денеска пред спомен плочата на Марко Бошњаков во непосредна близина на неговата родна куќа во Стариод дел на Охрид положија цвеќе по повод одбележување на годишнината од неговата смрт.
Охридскиот гемиџија Бошњаков e роден во 1874 година. Основното образование го стекнал во родниот Охрид, а како средношколец учел во Солунската Гимназија. Бил сведок на создавањето на Македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означи почетокот на македонската револуционерна борба во 1893 година. Се вклучил во движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.
Измачуван, умира од маларична треска во затворот Музрул во Африка на 27-ми февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Пред смртта Бошњaков на своите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“. Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков, му ја отсекле главата и ја донеле во Охрид.
OhridNews