Со презентација на новата веб страна (http://galicica.org.mk/) и мобилна апликација за Андроид и IOS паметни телефони, новото промотивно видео за убавините на Националниот парк, како и видеото за соработката со Фондот за природа Преспа-Охрид, Јавната установа Национален парк Галичица ја прослави својата 61-годишнина.
Како што беше истакнато на свеченоста по повод годишнината од прогласувањето на Национален парк Галичица, во текот на 2019 година, ЈУНПГ продолжи со трансформацијата на своето работење, преку зголемување на приходите од туристички активности, а намалување на приходите од директно користење на природни ресурси.
- Се повеќе се имплементираат туристичките активности за разлика од порано кога паркот се самофинансираше со користење на природните ресурси, односно со сеча на шума. Паркот сега се фокусира на промената во начинот на обезбедување на средствата за заштита на природата. Дополнително, поврзано со туризмот и зголемувањето на безбедноста на посетителите на паркот, планирано беше креирање на нова веб страна и апликација за мобилни телефони за посоодветно посетителите да се запознаат со вредностите на паркот и да обезбеди нивен безбеден престој во планината, рече директорот на јавната установа, Васко Паскали .
Од министерството за животна средина и просторно планирање потенцираат дека ја даваат сета потребна поддршка со цел националните паркови да се трансформираат во самоодржливи, а не да живеат од продажба на сеченото дрво.
- За тоа министерството дава огромна поддршка. Драго ми е што и во рамки на ПОНТ и останати проекти прилично се дава поинаква слика за тоа како треба да изгледа националниот парк. Затоа и уште на почетокот од мандатот немавме дилема дека треба да ги запреме сите инфраструктурни проекти кои беа дефинирани во Галичица кои ќе ја променеа природата и ќе се деградираше просторот. Сега полека, националниот парк се претвора во едно подрчје кое ќе биде забележано од сите страни во светот, при што природната убавина ја трансформираме во понуда за граѓаните, рече заменик министерот Јани Макрадули.
Од ПОНТ изразија задоволство од досега реализираните чекори, за кои како што кажаа, заслужен е и тимот вработени кои се целосно посветени на трансформацијата и активностите кои се преземаат со нивна поддршка.
По повод денот на Национален парк Галичица, Јавната установа Национален парк Галичица распишa и ликовен конкурс на тема: „Убавините на Национален парк Галичица“, а наградите беа доделени на денешната свеченост во просториите на установата.
Т.К.