Со рецитал на поемата „Сердарот“ од ловороносецот Григор Прличев, како и на литературните творби наградени од конкурсот „Охрид, Прличев и јас“ од страна на ученици од охридските основни училишта, денеска во Културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид, беше одбележана годишнината од доделувањето на ловоровиот венец на Прличев.

Охридскиот автор Смиле Наумоски член на жири комисијата која ги оценуваше творбите, се осврна кон изборот на најдобрите дела, а писателот Тоде Илиевски зборуваше за ликот и делото на Прличев.

Со рецитал настанот го збогати Арифа Малоска, минатогодишна победничка на општинскиот натпревар за рецитирање и ораторство.

Инаку на литературниот конкурс, третото место ѝ припадна на Ивана Трајкоска од ОУ „Братство Единство“, второто место го освои Сара Палитова од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, а првонаградена беше Елена Лангоска, исто од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец.

Во категоријата на возрасни учесници, наградена беше студентката на Филолошкиот факултет Емилија Карафилоска. Покрај литературен дел, конкурсот „Охрид, Прличев и јас“ имаше и ликовен дел при што награден беше цртежот на Фросина Трајкоска од ОУ „Кочо Рацин“. Настанот беше во организација на Младинскиот совет – Охрид.

Најпознатото дело „Сердарот“ на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев е напишано во 1860 година, а на 25 март истата година тоа учествува во натпреварот за најдобра поема на грчки јазик во Атина и ја добива наградата Ловоров венец. Поради силниот впечаток што ја оставила оваа поема, Прличев бил наречен „Втор Хомер“. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк, и да ја прифати стипендијата за студии во Берлин или Оксфорд.

OhridNews