Со полагање свежо цвеќе кај спомен обележјето на жртвите, денес, беше одбележана деветгодишнината од трагедијата на бродот „Илинден“, при што животот го загубија 15 туристи од соседна Бугарија.

Како вчера да беше денот кога се случи трагедијата, посакувам никогаш да не се повтори, рече градоначалникот Јован Стојаноски кој заедно со конзулот на бугарската амбасада положија цвеќе на спомен обележјето.

  • Ние сме два братски народи кои дури и еден ваков трагичен настан, ги поврзува. Во план е да се изгради и едно подобро спомен обележје, за што веќе имавме разговори со градоначалникот на Пирдоп од каде беа најголемиот број жртви. Ќе бидеме во контакт и понатаму и ќе го реализираме овој заеднички проект, рече Стојаноски.

Бродската несреќа беше опомена во однос на безбедноста на пловните објекти во Охридското езеро, вели првиот човек на Капетанијата на пристаништа, Горан Устијаноски.

  • Оттогаш безбедноста е на едно многу повисоко ниво, особено техничката способност на комерцијалната флота. Во овој момент слободно можам да кажам дека пловните објекти се безбедни и дека редовно се прават сите прегледи. Инспекциите на капетанија строго вршат контроли, особено во однос на товарење на патници, нивниот соодветен број, распоред на товар, што се најважни моменти за кои мора се води сметка при експлоатација на еден брод, вели Устијаноски.

Несреќата се случи околу 10:30 часот. Тоа саботно утро времето беше топло и тивко, езерото мирно и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица, Република Бугарија.

OhridNews