Општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, локалната самоуправа на Oпштина Дебрца и ОУ Дебрца ја одбележаа 79 годишнината од формирањето на Првата МКНОУПБ на 11 Нoември 1943 година во с.Сливово” и Патронат на училиштето.

Свеченостите започнаа со положување на свежо цвеќе пред споменикот во с.Сливово, додека поздравен говор за борбениот пат на бригадата и нејзиното значење за конечното ослободување на земјата имаше Наце Иваноски – Професор по историја. Потоа следеше посета на спомен домот, положено цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ и жртви на фашизмот во с.Белчишта, како и посета на ликовната колонија.

Македонија е држава која е родена на придобивките на НОБ, бидејќи создавањето на АСНОМ во 1944 година практично претставува остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност. Тие придобивки во голема мера се исковани во Дебрца, првата слободна територија во НОБ, која жестоко се спротивставила на фашизмот преку плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот. Затоа, наша и на идните генерации света должност е тие придобивки да ги чуваме и негуваме, бидејќи на тој начин си ја чуваме државата, рече градоначалникот Зоран Ногачески.

Младите генерации, поради евидентните недостатоци во образовниот процес, не се доволно информирани за значајните настани, датуми и личности од нашето револуционерно минато, велат од Сојузот на борци.

Тие претежно си ги гледаат нивните интереси, бараат подобар живот, не ги интересира минатото.  Не смее да е оправдување нивната филозофија дека не им треба размислувањето за минатото, кога им се неизвесни сегашноста и иднината. Но, без почит кон минатото, ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, со цел оваа наша земја да биде заеднички дом на сите граѓани кои својата иднина и иднината на идните поколенија ја гледаат во демократска, силна, модерна и европска Македонија, додаваат во соопштението.

Инаку, Првата Македонско-косовска народно ослободителна ударна пролетерска бригада е формирана на 11-ти ноември 1943 година во охридското село Сливово. Бригадата била формирана од македонските батаљони “Мирче Ацев” и Кичевско-мавровскиот батаљон, косовските батаљони “Рамиз Садику” и “Борис Вукмировиќ”, како и придружната чета составена од минофрлачи, митралези и противтенковски пушки. Вкупната бројна состојба на бригадата изнесувала околу 800 борци.