Со повеќе свечености минатиот викенд во Мелбурн, Австралија беше прославена 50 годишнина од постоењето на храмот Свети Ѓорѓи, првата Македонска православна црква изградена надвор од Македонија, со која пред половина век започна црковниот живот на Македонците во дијаспората. Со овој  значаен историски настан во 1960 година и покрај притисоците од народите на Балканот, за прв пат светна Свети Климентовото кандило во светот, уште пред во Македонија да биде прогласена автокефалноста на Охридската архиепископија во ликот на МПЦ.



-Кога дојдов во Мелбурн, Свети Ѓорѓи беше изградена во областа Фицрој, кон која веднаш се приклучив. Основоположинците на првата Македонска православна црква во Австралија, кои беа од Егејскиот дел на Македонија, биле мудри и ја поставиле неа во средина меѓу нашите непријатели, неколку улици од Грчката и Бугарската црква. Народот си го прифати своето и таа зеде замав. Кога се засили  емигирирањето на Македонците на Австралискиот континент, се појави потреба за изградба и на други наши цркви низ цела Австралија. – раскажува Трајан Димитриоски, иселеник од Кичевско, кој 45 години живее  во Австралија.


Македонските иселеници во Викторија и Мелбурн, што неофицијално ги има повеќе од сто илјади, кога почнале да се населуваат на петтиот континент нашле црква во која ги славеле најсвечените настани, венчавки, крштевки и празници. За јубилеот беше промовирана книга од Роберт Михајловски, црковните активности се претставени со изложба на фотографии, цвеќе се положи на споменикот на Гоце Делчев кај црквата што сега е во населбата Епинг, каде имаше и забава со Македонска музика,песна и игра.


50 годишниот јубилеј од изградбата на првата Македонска црква во светот, Свети Горги, го поздрави владиката Тимотеј, кој со честитка порача дека нејзините организатори заслужуваат да бидат запишани не само со големи туку и со златни букви за придонесот за  зачувување на името, верата, културата,традицијата и Македонскиот бит преку значајна национална и црковна мисија на најдалечниот континент. 


За јубилеот честитка упати претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, а  црквата доби вредна икона со ликот на Свети Горги изработена од познатата Охридска резбарска школа, подарок од граганите на општина Охрид и градоначалникот Александар Петрески. На свеченоста имаше високи претставници на Австралиските власти, но не дојде ниту еден претставник на Македонските државни и црковни власти, ниту пак некој од нашите дипломати во Австралија.


Оваа православна црковна општина во Мелбурн, пред повеќе од две децении  во националниот парк Кинг Лејк го изгради манастирот Свети Климент Охридски, каде Македонците на отворено,на големиот црковен имот ги славеа верските празници. Храмот изгоре во големите лански пожари и сега се обновува со помош на Македонската заедница. Во Мелбурн и Викторија живеат околу една третина од вкупниот број Македонски иселеници во Австралија. Во црквите  Македонскиот јазик го учат помладите генерации Македонци родени во Австралија, а тука се организираат пејачки, играорни, спортски и пензионерски друштва, со што тие имаат  големо значење за организирање на животот на Македонските иселеници.

                               

Нина Кепеска
фото: Ричард Калајџи