Со полагање цвеќе пред спомен обележјето на жртвите, денеска во Охрид беше одбележана 12-годишнината од потонувањето на бродот „Илинден“. Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов сеќавајќи се на кобниот ден рече дека пред 12 години бил еден од првите кој бил тука за да види што точно се случи. Бев присутен и кога преживеаните се вратија во Бугарија и кога телата на починатите беа вратени во Бугарија рече Ангелов.
За тие 12 години имаше една мала плоча која беше поставена од Ротари клуб Охрид. Минатата година со финансиска помош од Министерството за надворешни работи на Бугарија и општина Охрид го направивме овој нов споменик. За таа една година спомен плочата еднаш беше оштетена и еднаш беше испишана со спреј. Сакам да им се заблагодарам на сите кои реагираа навремено и ја вратија спомен плочата во првобитната состојба. Се надевам дека нема ова да се повтори никогаш повеќе, зошто загинатите туристи кои се невини, не смеат да бидат употребени за дневна политика. Ќе продолжиме да го оддбележуваме овој ден и во иднина, рече Ангелов.
И делегација на општина Охрид предводена од заменик градоначалникот Ристо Николески положи цвеќе пред спомен обележјето.
Денес се одбележуваат 12 години од потонувањето на бродот Илинден во Охридското езеро. Пред една години се постави споменикот во чест на починатите во несреќата. Тој ден и датумот 5 септември засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Охрид и како поука дека треба постојано да се надградуваме за да не се случуваат такви немили настани. Да не се повтори. Сите години правиме се за да ја подигнеме безбедноста во водите на Охридското Езеро и тоа ќе продолжиме да го правиме и понатака, рече Николески.
Пред спомен обележјето „Солзата на Роза“ покрај пешачката патека кај каналот Студенчишта цвеќе поставија бројни делегации од Бугарија и од Охрид.
Во најголемата бродска несреќа на Охридското Езеро животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија.
Н.С.Ј
фото: А.Момироска