Во просториите на градската библиотека, денес, се одбележа 106 годишнината од смртта на охридскиот преродбеник Кузман Шапкарев. Во рамки на пригодната свеченост од страна на градоначалникот Никола Бакрачески на 32 охриѓани им беа доделени сертификати за завршени курсеви по англиски, германски јазик и информатика, кои ги посетуваа во ОЈУ „ Кузман Шапкарев“, познат како Работнички универзитет.

Кузман Шапкарев заедно Миладиновци, Цепенков и Петров спаѓа меѓу најдобрите познавачи на македонскиот народ и неговото творештво во минатото. 106 години подоцна неговото име го носат многу институции и училишта, меѓу кои е и охридскиот Работнички универзитет. Водени од ентузијазмот на нашите предци и предизвиците кои ги наметна новото време, локалната самоуправа обезбеди бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика и на некој начин ја заживеавме оваа институција. Сертификатите се потврда за стекнатите знаења кои ќе им помогнат на овие граѓани да го подобрат нивниот квалитет на живот и се стекнат со моќно оружје на знаење и го подбрат животот на нашата заедница, рече градоначалникот Бакрачески.

Пред присутните се обрати и  директорката на ОЈУ „ Кузман Шапкарев“, Славица Ристеска која на градоначалникот му врачи благодарница за иницијативата на локалната самоуправа за посета на курсевите во оваа институција.

Се надевам дека и понатаму ќе им овозможиме на возрасните да доаѓаат кај нас на обуки, едукации, преквалификации и доквалификации, бидејќи ние се залагаме за образованието на возрасните. Како што основните и средните училишта се грижат за учениците, ние се грижиме за образованието на нивните родители, рече Ристеска.

Настанот беше збогатен со настап на ученици од основното музичко училиште „ Методи Патче“, а беседа во чест на Шапкарев одржа Смиле Наумоски.

OhridNews