Со показни вежби за укажување прва помош на повредени во сообраќајни несреќи, Црвениот крст Охрид на градскиот плоштад Св. Климент Охридски го одбележа Светскиот ден на Прва помош.
Годинава светскиот ден на првата помош се одбележува под мотото “Не биди набљудувач -биди некој – научи прва помош”.
По тој повод активисти на Црвен крст Охрид на градскиот плоштад организира активности со цел да се зголеми свесноста кај населението за важноста на првата помош и позитивните последици кои таа ги има во секојдневниот живот, но и во услови на катастрофи, несреќи и превенција на заболувања.
Во соработка со „Инсајд ауто“ на плоштадот активисти на Црвениот крст изведоа повеќе показни вежби за укажување прва помош на повредени во сообраќајни несреќи, а на минувачите им беа делени мали брошури со основни податоци за начинот на кој треба да биде пружена првата помош, ни изјави Сашо Точко претседател на охридскиот Црвен крст.
волонтери на Црвениот крст укажуваат помош
на повредени во сообраќајкаа
Првата помош помага за изградба на самодоверба и самопочит кај волонтерите и ранливите лица, пружа подршка на луѓето да си помогнат самите себе, но и да се изградат посилни заедници преку изградба на односите и солидарноста меѓу луѓето, велат од Црвениот крст.Оттаму информираат дека годишно над 800 лица минуваат низ интензивниот тридневен курс по прва помош што го организира оваа организација и дека се подигнати критериумите при полагање на испитот Прва помош за идните возачи. Сепак од Црвениот крст објаснуваат дека не е доволно знаењата по прва помош да се стекнат туку тие треба редовно да се обновуваат за да може соодветно да се реагира во случај на несреќа.
Г. Момироски