Одбележан празникот посветен на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена во храмот во Охрид.

Голем број верници присуствуваа на светата архиерејска литургија, во храмот „Св. Константин и Елена“ на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Васил Михајлоски и ѓаконот Марко Спасовски.

Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа во која рече дека денешниот празник на светите цар Константин и царица Елена ни дава две поуки.

Првата е при секоја прилика и непријатност од нашиот живот да се обраќаме кон силата на чесниот и животворен крст Господов, а втората пак е, по нивниот пример да работиме за раширување и утврдување на нашата вера во Вистинскиот Бог, секаде каде се наоѓаме. Свети цар Константин со знакот на крстот што го видел на небото, ги победувал не само надворешните, туку и внатрешните непријатели. Крстот Христов за него бил секојдневно заштитно орудие. Со неговата сила и духовниот благочестив живот, со што тој се прославил пред сѐ, е вбројан во ликот на Божјите угодници – светиите. Како не би бил победител со крстот Христов, кога нашиот Спасител еднаш засекогаш на Голгота ги победил сите непријатели на нашето спасение? Како не би бил победоносен, кога во него е сокриена спасителната небесна сила на Богочовекот Христос, нашиот Спасител, рече Митрополитот Тимотеј.

По завршувањето на литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач.

 

OhridNews

фото. ДКЕ