Со низа свечености денеска се одбележа Патрониот празник на општина Дебрца. Чествувањето започна со полагање свежо цвеќе во село Црвена Вода на спомен обележјето на Манифестот на генералштабот на НОВ и ПОМ по што беше свечено откриен реконструираниот споменик на Трајче Дојчиноски во село Белчишта.

Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски во својот говор пред присутните истакна дека овој ден не е посебен само за Дебрца, туку е посебен и за Македонија, бидеќи на овој ден народот се обединил со повик за ослободување на својата земја.

-Дебрца е поим за слободарски дух, за силна желба за самостојност, Дебрца е поим за хероизам и саможртва, за неисцрпна  енергија и љубов од сите и кон сите. Особено ние, Дебрчани, сме горди на нашето минато, на нашите вечни слободарски идеали со кои и денес чекориме, обидуваќи се да и дадеме нова смисла и нов квалитет на нашата општина, на животот во неа, на обидите нашите поколенија, кои се задоени со вербата во Македонија како единствена роднина, да имаат подобар и посигурен живот. Можеби не успеваме во целост да реализираме некои идеи и желби, заложби и соништа, но имајќи ги во доволен број трасираме пат кон подобра иднина за нашите деца, за нашата Дебрца, рече Трајкоски.

На одбележувањето на патронот на општина Дебрца и 72 година од Манифестот, освен претставници на локалната самоуправа цвеќе положија и претставници на Општинската организација на Сојузот на борци во општините Охрид и Дебрца.

OhridNews