Република Македонија се вклучи во меѓународната кампања за одбележување на светскиот   ден за борба против климатските промени, во рамки на која се формира глобално движење и глобален настан на кој учествуваа 181 земја со преку 5.200 акции.

Овој датум е одбран бидејќи е точно шест недели пред 15-от Самит за климатски промени на светските лидери во Копенхаген кој ќе се одржи од 7 до 18 декември 2009 година. 350.орг е меѓународна кампања за борба против климатски промени која што ги повикува светските лидери да постигнат договор во Копенхаген врз основа на најновите научни истражувања. Бројот 350 (мерен во делови по милион (ппм) во нашата атмосфера) претставува највисоко безбедно ниво на концентрација на јаглероден двооксид (ЦО2) во атмосферата. Оваа бројка бележи неверојатно голем пораст во последните 50 години и денес достигнува речиси 390 ппм. Покаченото ниво на ЦО2 во атмосферата е она што ги предизвикува климатските промени. Поради тоа, основна цел на човештвото денес треба да биде враќање на нивото на ЦО2 до безбедната граница – 350 и токму поради тоа сметаме дека 350 е најважниот број во светот во моментов.

Македонија  влезе во светската мапа на градови кои го обележале овој значаен датум, преку настанот што се одржа во центарот на Скопје на Плоштадот Македонија. Присутните активисти и граѓаните со своите дланки ја испишаа бројката 350 на големо платно. Покрај тоа, на поставените штандови граѓаните можеа да добијат информација за состојбата со глобалното затоплување и за начините на кои би можеле да се вклучат во борбата против климатските промени. Фотографии од оваа акција ќе можат да се видат на 26 октомври во Њујорк, на светски познатиот Тајм сквер.


Овој настан беше поддржан од страна на повеќе здруженија на граѓани, членки на мрежата за борба против климатските промени „Заедно за климата“, а беа ангажирани и голем број на волонтери. Преку предвидените активности тие имаа за цел да укажат на алармантната состојба со климатските промени и да ги мотивираат граѓаните и самите да дадат придонес за ублажување на оваа состојба чие влошување неминовно води до последици кои ќе бидат катастрофални за целата планета.

Ohridnews