Со пригодна свеченост што денес се одржа во големата сала на СВР Охрид беше одбележан 7-ми Мај, Денот на безбедноста и Ден на Македонската полиција.

Во присуство на бројните претставници од секторот, активите полициски службеници и пензионираните службеници, како и претставници на институции беше потенцирано дека полициската работа има еден извонреден континуитет и историја на овие наши простори уште во времето на поранешната татковина.

Во оваа прилика значајно е што сме тука присутни еден репрезентативен состав во контекст и на постарата генерација и на сегашната. Но, ова треба да биде и еден патоказ за идните генерации полициски службеници. Во развојот на безбедноста на државата, на целокупната заедница сите ние активно придонесуваме на свој начин. Но, не смееме никако да ги заборавиме оние полициски службеници кои се вложиле себеси во развојот на македонската безбедност и за жал не се повеќе меѓу нас. Локалната самоуправа е со СВР Охрид во извршувањето на секојдневните задачи и обврски, ја имаме нивната помош, логистика и секоја потреба која за нас е неминовна. Полициската работа не е лесна работа. Но, тоа што е најважно е граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од секојдневното работење на полициските службеници како во делот на јавниот ред и мир така и во делот на сузбивање на сите криминогени и асоцијални појави. Во таа насока за нас како полиција е многу важно полициската ефикасност да биде се поголема и поголема, рече портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски

Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски истакна дека 7-ми Мај е Ден на полициските службеници, заштитници на нашата заедница, современи херои кои деноноќно ризикувајќи ги своите животи ја штитат заедницата во која живееме и ја прават подобро и побезбедно место за живеење за сите наши граѓани.

Почитувани полициски службеници во борбата со криминалот вие несебично вршите благородна работа во сложени околности и често опасни ситуации за да ги заштитите граѓаните и да ја зголемите нивната безбедност и да ја направите заедницата посигурна. Ова денешно време во кое живееме е обременето со многу безбедносни предизвици и затоа потребно е вашето постојано усовршување, градење на вашите капацитети лични и професионални, но и институционално, и усовршување на вашето знаење и познавање на безбедносната проблематика. Тоа од вас го очекуваат граѓаните кои безрезервно ви веруваат и ве поддржуваат како и локалната самоуправа која постојано е тука за поддршка, рече Божиновски во обраќањето, посакувајќи им здравје, успех и законито работење.

Началникот на СВР Охрид Игор Смилески посочи дека согласно податоците за 2023 година, како и првите месеци од 2024 година безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е стабилна и се преземаат мерки во континуитет.

Во периодот од 2023 година се бележи намалување од 19% на вкупно регистрираните кривични дела на ниво на СВР Охрид, а ефикасност на расветлување на НН дела е 46%. Во делот на тешките кражби во 2023 година се бележи намалување од 27% на ниво на СВР Охрид споредбено со 2022 година. Во делот на економскиот криминалитет во 2023 година во СВР Охрид се бележи намалување на регистрирани кривичните дела за 33% споредбено со 2022 година. Во делот на недозволена трговија со дрога во текот на 2023 година регистрирани се вкупно 145 кривични дела, поднесени 129 кривични пријави против 143 лица. Од страна на Отсекот за превенција во 2023 година преземени биле вкупно 111 активности, нагласи Смилески.

Во поглед на првото тромесечие на 2024 година, потенцираше дека безбедносната состојба на СВР Охрид е стабилна и на задоволително ниво.

Во овој период ефикасноста на расветлување на нн дела е 46% споредбено со истиот период лани кога бил 34%. На подрачјето на Охрид се бележи намалување на вкупно регистрирани кривични дела од 13,5%, во делот на класичниот криминалитет поднесени се вкупно 136 кривични пријави против 145 лица. Зголемен е бројот на поднесени кривични пријави во делот на економскиот криминалитет за 35% и во делот на класичниот криминал за 10%. Намалување има на бројот на сообраќајни несреќи на подрачјето на СВР Охрид за 4% и намалување на сообраќајни незгоди со телесни повреди за 9%. Во делот на недозволената трговија со дрога во првото тромесечие на 2024 година регистрирани се вкупно 27 кривични дела и поднесени 25 кривични пријави против 27 лица. Од страна на Отсекот за превенција во овој период преземени се вкупно 19 активности. Во делот на ЈРМ регистрирани се 188 прекршоци и поднесени 223 барања до надлежен суд. Во текот на месец април поднесени се вкупно 16 кривични пријави против 22 лица за 30 кривични дела.

На свеченоста беше потенцирано дека СВР Охрид со целокупното Министерство за внатрешни работи претставува најтранспарентна институција во државава.

СВР Охрид на пригодна свеченост го одбележа Денот на полицијата

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски