По повод Денот на ослободувањето на Охрид, денес, на малиот плоштад кај Долна Порта се одржа пригодна свеченост на која присуствуваа претставници од локалната самоуправа, борците, граѓани.

Пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски кој рече дека денеска се навршуваат 74  години од денот, кога во далечната 1944 година, охриѓани ја славеле слободата.

  • Овој ден е голем празник за нас затоа што ја славиме победата за подобро утре, се потсетуваме на херојските дела, но и го продолжуваме аманетот на нашите предци, да ја сочуваме крваво добиената слобода. Минатото нè води до сегашноста, а сегашноста е влог во нашата иднина. Од раните на нашите дедовци и  татковци се создава нашата сила  да креираме подобра иднина за сите нас. „Можеби имало поубави времиња, но ова е нашето време “.  Да го искористиме  за да отвориме  нови порти за нашиот  Охрид кој ќе биде еден од најразвиените градови во државава, пријатен дом за сите охриѓани и топ- туристичка дестинација за бројни посетители и  гости. Единствена константа во животот се промените. Тие се неминовност којашто го врти тркалото на светот, рече Стојаноски.

Тој најави низа проекти со кои младите кои се иднината на градот, ќе се вратат и задржат во родниот град за да го развиваат.

Во името на Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ и нивните подржувачи, пред присутните се обрати претседателот Гоце Георгиески, кој рече дека 7-ми ноември е празник на идеалот за слобода и правда, идеал на кој треба да се воспитуваат идните генерации.

  • Денес на овој значаен празник, ја имаме честа и големото задоволство, припадници на различни генерации да ја споделиме гордоста што сме  заедно во одбележувањето на датумот кој го чува и означува времето што треба да го паметиме, да не го забораваме. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи  се на жртвите, ние со почит и благодарност се поклонуваме пред олтарот на сите паднати борци за слободен Охрид, за слободна и самостојна Република Македонија- рече Георгиески.

Во рамки на културно-уметничката програма  настапија хорот и оркестарот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, рецитаторите Сретен Стрезоски и Ристе Лекоски и дечиња од детската градинка „Јасна Ристеска“.

OhridNews