Охридското Езеро е природно богатсво кое мора да го чуваме подобро а трите крајезерски града Охрид, Струга и Поградец во иднина не треба се да чекаат од Скопје и Тирана туку самите да покажат поголема иницијатива за решавање на приоритетните прашања како што се укинувањето на визниот режим и отворањето на бродската линија Охрид-Поградец која ќе ги поврзува крајезерските градови.


Денот на Езерото годинава одбележан во Охрид

Ова беше истакнато на свеченоста што по повод 21 Јуни-Денот на Охридското Езеро се одржа денеска во Охрид.

Денот на езерото што веќе неколку години традиционално заеднички го одбележуваат трите крајезерски града беше одбележан со настап на  повеќе ансамбли и уметници од крајезерските градови. Покрај ова  се одржа турнир во мал фудбал, отворена беше изложба на фотографии, а покрај неколкуте промотивни штандови на   невладини организации и еколошки друштва  не изостана ниту  традиционалната храна.


ништо беш вкусна храна…

Случајно или не свеченоста се одржа на  само стотина метри од најголемиот загадувач на Охридското Езеро, реката Грашница, во населбата Воска во Охрид.

Оваа река е најголем загадувач на езерото и потребно е веќе еднаш за секогаш  да се реши овој долгогодишен проблем, вели Борис Стојаноски од Еколошкото друштво „Грашница“. „И овој пат ќе им порачаме на тројцата градоначалници дека треба да вложат повеќе напори за заштита на Охридското Езеро, бидејќи иако и тие и државните институции се фалат дека направиле многу, факт е дека езерото сеуште не е чисто, не е уредено, а сливните подрачја се во катастрофална состојба“, вели Стојаноски.

Не е подобра ниту состојбата со охридската пастрмка која е на раб на исчезнување и затоа надлежните и на локално и на централно ниво треба да ја подржат идејата на екологистите за десетгодишна забрана за лов на патрмката, како единствена мерка со која може да се направи нешто за спас на овој ендемски вид риба, вели Стојаноски. Сепак најголем проблем се реките кои се и најголеми загадувачи на езерото и тој проблем мора да биде решен, додава Стојаноски.

Градоначалниците на Охрид, Поградец и Струга се правдаат дека немаат ингеренции во заштитата на Охридското Езеро како и на пастрмката. Тројцата велат дека тоа е во надлежност на државата.

Градоначалникот на Поградец, Артан Шкмби ,вели дека состојбата со заштитата на пастрмката во Албанија е подобрена во однос на минатите години. „Пастрмкта сега не се лови секојдневно како порано туку постои и период кога ловот на овој вид риба е потполно забранет, а исто такак затворени се сите рибници во кои се одгледуваше неавтохтон вид пастрмка“, рече Шкмби.

Градоначалникот на Поградец информираше дека изгрдабата на колекторот од албанска страна на езерото е во полн ек и дека за 18 месеци  ќе биде завршен колекторскиот систем во Поградец.


се жалат дека немале ингеренции-градоначалниците на Поградец, Охрид и Струга

Охридскиот градоначалник Петрески информираше дека најдоцна за 5 месеци ќе биде завршен и делот од колекторскиот систем од х. Метропол до Пештани кој  нема да функционира и ова лето. Покрај оваа делница ќе остане уште  да се изгради колекторот од селото Трпејца до Свети Наум со што целото крајбрежје ќе биде опфатено со пречистителниот  систем.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко вели дека државата треба да отстапи дел од ингеренциите во заштитата на Охридското Езеро на општините бидејќи тие знаат како најдобро да управуваат со езерото. Тој вели дека државата нема доволно слух  и дека наместо да пренесе дел од ингеренциите на локално ниво таа им одзема надлежности на општините, посочувајќи го примерот со плажите во струшко.

Горан Момироски