Потребни се слични заложби за сите жаришта на биоразновидноста во земјата, а и за природата во целост. Тоа е прашање на голема итност насекаде, а зелената агенда на ЕУ става фокус на тоа што значи дека ќе следат и ресурси, поради тоа што биоразновидноста е крвотокот на нашата планета која мора да ја заштитиме за идните генерации, истакна Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата и шеф на одделот за политика и информирање при Делегацијата на ЕУ во Македонија, на денешниот настан одржан во Велестово со кој беше одбележан Денот на Натура 2000.
Пред точно 32 години Европската Унија ја усвои Директивата за живеалишта и Програмата Life. Тоа беше и сеуште е пионерски чекор во законодавството кој го претставуваше зачетокот на Натура 2000, најголемата координирана мрежа на заштитени подрачја во светот и со тоа се истакна важноста на биоразновидноста за добросостојбата на планетата земја. Изборот на локација за да се одбележи овој ден тука во Северна Македонија не беше лесна работа. Жариштата на биодиверзитетот или биоразновидноста се насекаде почнувајќи од Шар Планина, Маврово, Пелистер, Преспа, па се до Јабланица, Осогово и Матка, спомнуваме само неколку од нив. На крај се решивме за Галичица, потенцијална локација за Натура 2000 и смарагна локација. Покрај тоа што е совршено место да се ужива во недопрената природа, Галичица, исто така не потсетува колку важно е да се зачува природата и дека секој од нас има улога во тоа. Заштитата се протега многу пошироко од само прогласување на едно место како подрачје од вредност. Потребно е солидно управување од страна на соодветни и компетентни кадри и соодветни финансиски ресурси. Потребни се континуирани заложби за да се возобнови она што било оштетено и да се зачува тоа што сеуште е во добра состојба, истакна Нупнау.
Воедно ја потенцираше и значајната поддршка која ЕУ ја обезбедува за НП Галичица, но и заложбата на упрвата на Паркот, како и соработката со граѓанските организации, академската заедница, меѓуграѓанските организации, меѓу нив и со Македонското еколошко друштво.
Даниел Богнер, тим лидер на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, потенцираше дека тревните површини се приоритетни области за ЕУ и за нив е потребно дополнително внимание, бидејќи тие се дом на околу 100 -120 различни видови на растенија, а со секое растение се поврзани по неколку инсекти кои се храна за многу птици.
Што значи ова е синџирот во биоразновидноста кој зависи од тревните површини. За жал, тие површини се под притисок, затоа што ова подрачје беше земјоделско земјиште во изминатите векови. Но, тоа е и тренд кој се јавува секаде низ Европа, луѓето си заминуваат од руралните подрачја, земјоделието се напушта и овие тревни површини се обраснати со различни видови на грмушки и биодиверзитетот е под закана да биде изгубен во иднина. Ова е задача за Министерството, за вас и за Националниот парк да се управува добро со овие области за да може да се зачува биодиверзитетот, истакна Богнер.
Националниот парк Галичица е формиран поради изобилството на природни и геоморфолошки појави поради исклучителното богатство на биодиверзитет, рече Климент Нанев, соработник за живеалишта и видови во НП „Галичица“ потенцирајќи дека во Паркот се среќаваат преку 37 растителни заедници, повеќе од 40 живеалишта, над 1600 растителни видови и над 3200 животински видови.
Сето ова претставува една голема задача за ЈУНП Галичица во текот на времето да продолжи и да управува со заштитата на природата. Денес го одбележуваме Денот на Натура 2000 во Македонија која претставува мрежа на заштитени подрачја на ЕУ чија главна цел е зачувување на природните живеалишта, како и видовите кои се наоѓаат на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Поради зголеменото човеково влијание, загадувањето и другите неповолни појави врз природата од несомнено значење е воспоставување на една ваква мрежа која ќе ги вмрежи не само заштитените, туку и другите Натура 2000 подрачја кои ќе се номинираат за да вмрежувањето биде целоисходно и да се врши соодветна заштита како на важните живеалишта така и на видовите кои живеат во нив.
Методија Велески од Македонското еколошко друштво кое го координира проектот „Мрежа за искуствено учење“ истакна дека заштитата на природата и напорите за истражување и управување со истата се многу важни и е активност која треба да се одвива на долги патеки, затоа треба да создадеме нови кадри.
Во таа насока ние со нашите партнери работиме на мрежата на искуствено учење, што е практично една лабораторија во природа. На овој начин ќе се обидеме да ги мотивираме младите, идните генерации да ги отворат очите и да видат што има околу нив во однос на тоа какви се различни бубачки, тревки, птици и слични други организми ги населуваат овие места и зошто е важно ова да се зачува, додаде Велески.
А можноста за набљудување во природа и запознавање со биодиверзитетот во НП Галичица ја имаа учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид и ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје преку работилница која беше предводена од страна на едукатор од НП Галичица и неколку експерти.
Настанот беше организиран во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“. Корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите. Ко-организатор на настанот е Македонското еколошко друштво, како дел од проектот „Мрежа за искуствено учење.“
Н.С.Ј.
фото. Б.Стојаноски