Значењето на водните живеалишта како едни од најранливите екосистеми кои се погодени од негативното влијание на климатските промени како и важноста на блатните екосистеми, беа во фокусот на денешниот настан „ Кон подобро управување со Охридското Езеро, Студенчишкото Блато и Белчишко Блато“, кој се одржа во рамки на одбележувањето на 2 февруари- Светскиот ден на водните живеалишта.
Домаќини на настанот беа Општина Дебрца, а беше во организација на Здружението за екологија и туризам „ЕКОТУРИЗАМ 2016, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Охрид и Хидробиолошкиот Институт од Охрид.
Во поздравното обраќање, Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска нагласи дека е потребно континуирано спроведување на активности за нивна заштита, конзервација и ревитализација со цел да се сочува нивната природна благотворна улога за екосистемите.
Охридското Езеро, како еден од најзачуваните и најрепрезентативните објекти на природата во нашата држава, со голем број на значајни природни живеалишта и диви и ендемски видови од национално и меѓународно значење, секако заслужува големо внимание и висок степен на заштита. Затоа, во рамки на тековниот ГЕФ/УНЕП проект “Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” беа изработени Студија за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро, како и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата – Охридско Езеро. Се очекува во следниот период да се започне со постапка за репрогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје. Особено внимание заслужува и Белчишкото Блато, како важен блатен екосистем со присуство на живеалишта и видови од национално и меѓународно значење. Уверена сум, дека извршената валоризација на природните вредности на Белчишкото Блато наскоро ќе овозможат и понатамошни активности за негово прогласување за заштитено подрачје – рече заменик министерката Оџаклиеска во своето обраќање.
На настанот, поздравно обраќање имаше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој потенцираше дека општините Охрид и Дебрца се вистинскиот избор за одбележување на овој значаен ден од екологијата, со оглед на тоа дека го споделуваме Охридското Езеро кое е извонреден природен феномен како прибежиште за бројни ендемски и реликтни слатководни видови флора и фауна како и најголем воден басен на питка вода во Југоисточниот дел на Европа.
На територијата на Општина Охрид се наоѓа Студенчишко Блато кое во минатото со многубројни канали било поврзано со Охридското Езеро. Секоја промена на нивото на водата од езерото директно влијаела и на блатото, а тоа и ден денес преставува витален и нераскинлив дел на Охридското Езеро. Во регионот на општина Дебрца егзистира и Белчишко Блато. Наша обврска и цел е да придонесеме кон подобро управување со погоре споменатите природни ресурси кои се од непроценливо значење за регионот, а секако и за нашата држава што е препознаено од страна на МЖСПП – подвлече градоначалникот Кирил Пецаков во своето поздравно обраќање.
Денес беа презентирани студиите за ревалоризација на Охридско Езеро и валоризација на Студенчишко и нацрт-верзијата за Белчишко Блато, за кои е во тек процедурата за прогласување за заштитени подрачја на овие важни екосистеми. Студијата за Белчишко Блато беше презентирана од Ѓоко Зороски, координатор за проектот , Хавза Реџеп Каќел, раководител на Одделение за заштита на животна средина, Даниел Богнер и Менка Спировски, консултанти за Студенчишко Блато и Охридско Езеро.
На настанот беше промовиран едукативно-документарниот филм „Белчишко Блато – синиот бисер од Дебрца“, кој го изработи „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид.
Исто така беа презентирани традиционални специјалитети од Општина Дебрца и слатки со симболи од најважните претставници од флората и фауната.
OhridNews