Со културна програма во организација на Општина Охрид и НУ Завод и Музеј Охрид денес во Спомен куќа на Христо Узунов беше одбележан јубилејот 150 години од раѓaњето на познатиот револуционер и охриѓанец Кирил Прличев.
Денес гордо се поклонуваме по повод 150 години од раѓањето на Кирил синот на Григор Прличев истакнат македонски револуционер, учител, новинар, публицист, писател и преведувач, рече во обраќањето пред присутните претседателот на Советот на општина Охрид, Перчо Божиновски.
Кирил е од редовите на оние охридски револуционери како што се Христо Узунов и Методи Патче кои несебично се вложуваа себе си за денес ние да уживаме во благодетите на слободна и самостојна Македонија. Токму затоа што и да се каже за овој великан е премало, сувишно, а споменот за него ќе остане вечен. Во колективната маморија на македонците Кирил Прличев нема да остане запомнат само како револуционер туку и како сестран општественик кој до своите пензионерски денови работи во Охридскиот музеј и ги открива моштите на словенскиот светител и просветител Климент Охридски, посочи Божиновски.
Повеќе од очигледно е, рече Божиновски, дека Прличевата лоза и се што е врзано со неа оставила силен печат во охридското и македонско време испишувајќи битни делови во македонската култура и историја.
Ако по книжевниот великан Григор кој со Сердарот ги затвори злите усти на светските елити кои меѓусебе шепотеа за достигнувањата на скромниот охриѓанец и покажа дека духовната слобода е наша, тогаш неговиот син Кирил докажа дека ние мора и територијално да биде саамостојни и свои. И кога се раѓаат вакви великани како што е Кирил Прличев тогаш помеѓу двете дилеми, да се има или да се биде секогаш се избира второто, да се биде и по цена на својот живот. Зошто луѓе од ваков калибар задоени со вредностите на македонскиот јазик и слово не размислуваат за личните туку интересите на својата татковина Македонија. Ова се ретки примери на луѓе со револуционерен дух кои се свесни за силината на знаењето, затоа што „Во тајната на зборовите е заклучена тајната на Светот.“ Затоа денес и секој нареден ден се заблагодаруваме на сето она што за нас го направил големиот Кирил Прличев, додаде Божиновски.
Внукот на македонскиот револуционер, кој живее во Бугарија, Кирил Прличев вели кога човек има достојни дела, наследниците не може да не се горди.
Кирил Прличев како син на Григор Прличев целиот живот се залагал за слободата на Македонија. И од се што можел да направи за да се постигне тоа направил. Тој од првиот моментот кога бил ученик во Солун до последниот кога го открива гробот на Свети Климент тука во Охрид се посветува на животот на охриѓани, на слободата на Македонија и неможам да не бидам горд со тие дела. Тој ги оставил во писмена форма. Записите кои ги водел ден по ден во годините кога нештата се случувале. Успеав да ги редактирам и со научни стандарди да ги средам во книга околу 200 документи. Ова е едно исклучително наследство кое говори за неговото видување. Четириесет години се занимавам со делотото на Прличев, посочува.
Во рамки на програмата од страна ученици од охридската Гимназија беше изведена историската драма „Борба за иднината“- судбината на Кирил Прличев, авторско дело на Михаил Патчев, м-р по историски науки и професор во Гимназијата.
Во претставата се претставени моменти од животот на Кирил Прличев. Како син на Григор Прличев е задоен со идејата за слободна и автономна Македонија, ќе се вклучи во револуционерниот округ на Охрид и во првите моменти ќе дејствува заедно со Христо Узунов и Методија Патчев, а постепено неговото дело ќе се развива и низ образованието и литературата, но и низ вооружената борба. Во оваа драма се зборува и за неговите списанија кои ги издава меѓу нив „Искра“. Доста ценет е неговиот труд од нашиот револуционер Тодор Александров. Има идеја дека треба да се случи обединување за доброто на Македонија. Во Охрид ќе биде еден од највидните членови на Народниот музеј, ќе учествува во пронаоѓање на гробот на нашиот Свети Климент. Животот и делото на Кирил Прличев во последните години многу се проучува на просторите на поранешна Југославија, вели Патчев.
Кирил Прличев бил роден во Охрид на 1 март 1875 година. Учесник бил во Илинденското востание во четата на Христо Чернопеев. Бидејќи едно време бил протоѓеровист, во 1931 година под притисок на Иван Михајлов се откажал од политичката активност во редовите на Организацијата. За време на Втората светска војна бил директор на Музејот во Охрид.
Н.С.Ј.