Со поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред, утре во 2 часот наутро почнува летното сметање на времето што ќе трае до последната недела на октомври годинава.

На 29-ти март, часовниците треба да се поместат за еден час нанапред, односно времето во два часот ќе се смета како три часот.

Преминувањето од зимско на летно сметање на времето и обратно првпат е забележано во 1916 година во државите на северот на Европа и сега се практикува во 70 земји.

Во западна Европа поместувањето на стрелките на часовникот е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен. Во поранешна СФРЈугославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.

Летното сметање на времето ќе заврши во последната недела во октомври во три часот наутро.

OhridNews